Фото: Dundee United FC

Данди останува со еден Македонец, Бабунски заминува

Македонскиот фудбaлер, Давид Бабунски (31) летово ќе стави крај на својата епизода во редовите на шкотскиот Данди јунајтед, откако клубот донесе одлука да не ја активира опцијата за продолжување на договорот за уште една сезона.

Бабунски пристигна во Шкотска минатото лето од унгарскиот Мезоковешд и веднаш се наметна со одлични настапи, особено во Лига купот каде постигна два гола на три натпревари. Во првиот дел од сезоната беше стандарден стартер, започнувајќи на 16 од првите 17 првенствени натпревари, а неколкупати ја носеше и капитенската лента.

Сепак, по новогодишните празници неговата минутажа значително се намали. Тренерот Џим Гудвин изјави дека динамичниот стил на игра и згуснатиот распоред не му одговарале на Бабунски, кој е препознатлив по својот креативен пристап и техничка игра.

И покрај тоа што играше важна улога во сезоната за пласман во европските натпреварувања, Данди реши да не го продолжи договорот со македонскиот интернационалец. Со оваа одлука, Бабунски им се приклучува на Деклан Галлахер и Луис Моулт, кои исто така го напуштаат клубот.

Во својата богата интернационална кариера, Бабунски има настапувано за неколку клубови низ Европа и Азија, меѓу кои: Мезоковешд и Дебрецен (Унгарија), Фарул и Ботошани (Романија), Јокохама и Омија Ардија (Јапонија), Црвена Звезда (Србија), како и младинскиот тим на Барселона. За сениорскиот тим на Македонија има запишано 18 настапи.

Ќе потсетиме, дел од Данди јунајтед е и Кристијан Трапаовски кој во овој клуб пристигна минатото лето од Шкупи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот