
Дали германската автомобилска индустрија ќе ја преживее оваа бура?
Германската автомобилска индустрија, долго време сметана за симбол на економска стабилност и сигурни, добро платени работни места, поминува низ еден од најпредизвикувачките периоди во својата историја. Се проценува дека до крајот на оваа деценија, дури 100.000 работни места би можеле да бидат изгубени во овој економски сектор.
Препорачано
Најголемото влијание доаѓа не само од производителите, туку и од добавувачите кои до неодамна беа клучни носители на германскиот економски раст. Меѓу гигантите што најавуваат масовни отпуштања, се издвојува Бош, еден од најголемите светски добавувачи на автомобилската индустрија. Оваа компанија објави затворање на 13.000 работни места во својот оддел за мобилност. Со ова, вкупниот број на планирани отпуштања во „Бош“ ќе достигне 18.500 до 2030 година- пишува Каматица.
Сепак, најголемото намалување на бројот на вработени го планира најголемиот германски производител, „Фолксваген“. Во оваа компанија се во прашање 35.000 работни места, што е продолжение на трендот откако минатата година беше објавено отпуштање на повеќе од 30.000 вработени.
Добавувачите ZF и „Континентал“ предвидуваат намалување од 14.000 и 10.150 вработени. Ауди планира да отпушти 7.500 работни места. Компанијата Шафлер има намера да отпушти 4.700 луѓе. Ни „Порше“ не заостанува, бидејќи најавува отпуштања на 1.900 вработени.
Главните двигатели на овие драстични намалувања се електрификацијата (преминување на електрични автомобили), растечките трошоци за развој, сè посилната глобална конкуренција, како и политичките неизвесности. Царините во САД, како и слабата продажба на електрични автомобили што не ги исполнуваат претходните очекувања, исто така придонесуваат за проблемот. Дополнително, ситуацијата е комплицирана од неизвесните сигнали од германската влада за идните регулативи.