
Далечен африкански лидер стана „ѕвезда” на антизападен наратив во Македонија
Лидерот на Буркина Фасо Ибрахим Траоре, одненадеж предизвикува восихит на социјалните мрежи во Македонија, преку стабилен проток на вирални видеа, мемиња и објави. Многу од нив се заведувачки или комплетно невистинити, а го портретираат Траоре како бестрашен реформатор кој ги покорил западните сили и го вратил достоинството на својата земја. Тој дојде на власт по државен удар во септември 2022 година, во жижата на растечки антифранцуски сентименти во регионот Сахел.
Препорачано
Додека критичарите на Траоре ја обвинуваат неговата влада за дерогирање на слободата на изразување, други го претставуваат во позитивно светло на социјалните мрежи. Таквите објави стигнуваат до Македонија, но со една модификација и додавка. А тоа е дека се користат за антизападни сентименти и наративи, во поддршка на неприклонувањето и „отпорот кон западните сили”.

Последниот пример на ваква дезинформациска кампања беше оној што се прошири и во Македонија, дека Ибрахим Траоре ја исфрлил иницијативата за борба против маларија во својата земја – проект финансиран од Западот и Бил Гејтс. На кориснички профили од македонското говорно подрачје оваа информација се пренесува преку проруски Фејсбук страници на српски јазик. Истерувањето на проектот за борба против маларија во Буркина Фасо, во антизападните објави се доведува во корелација со „патриотизмот”.
„Од Траоре може многу да се научи како се сака својата држава и својот народ“, пишува еден од корисниците на Фејсбук. Притоа тој споделува објава од „Восток вести“ за тоа како Траоре го истерал Бил Гејтс од својата држава и го прекинал проектот „Таргет маларија“ финансиран од Гејтс, а во чија рамка биле пуштани генетски модифицирани комарци под изговор дека спречуваат маларија.

Владата на Ибрахим Траоре со тоа испрати широка порака: Африканските земји нема да бидат полигон за западни биотехнолошки експертименти, се наведува во објавата што е од „Восток вести“ и репродуцирана во Македонија со цел да стигне и до македонското поднебје.
Но, постојат укажувања дека неприкосновената причина поради која проектот почнал да доживува критики се дезинформации кои се ширеле преку социјалните мрежи, како таа дека „Таргет маларија“ било оружје во кое се користеле комарци за да шират болести и за луѓето да бидат стерилизирани. Аналитичари и безбедносни експерти ширум светот, забележуваат дека ваквите тврдења, се дел од поголема машина на дезинформациски кампањи во регионот, често поврзани со руски мрежи.
– Ваквите тврдења се дел од поголема машина на дезинформациски кампањи во регионот, често поврзани со руски мрежи. Гледаме вакви дезинформации за јавното здравје како се забрзуваат изминатите 12-18 месеци. Кампањата има за цел да посее недоверба кон Западот преку „наративот за суверенитетот” на владата на Буркина Фасо, предводена од Ибрахим Траоре – вели Марк Дуерксен безбедносен експерт во „Центарот за стратешки студии на Африка“, финансиран од американското Министерство за одбрана.
Но, има и други примери каде главниот јунак за антизападни влијанија во Македонија на социјалните мрежи е Ибрахим Траоре. Таков е примерот каде неговиот американски акцент е генериран со вештачка интелигенција, а изразите на лицето малку чудни, а говорот целосно измислен.
Целосни транскрипти од измислениот говор на Траоре се преведени на македонски јазик и споделени со антизападни сентименти, критики и анимозитет кон европската иднина на земјава. Навивањето што се предизвикува со нив на социјалните мрежи од некои приватни профили покажува дека оние кои го споделуваат тоа го прават со негативен став кон западната демократија, а нивото е спуштено и на навредувачки јазик за т.н. „американски и европски копилиња“.
На интернет има и видео-верзија од говорот, која што може да се погледне на следниот линк.
Но, таа е генерирана со помош на вештачка интелигенција и во неа се искористени кадри од Траоре додека е на посета кај рускиот претседател Владимир Путин.
Професор доктор Александар Иванов од Факултетот за безбедност, за „Слободен печат“ вели дека во Македонија апсолутно може да се забележи на социјалните мрежи дека содржините во кои се глорифицира Ибрахим Траоре се користат за да се зголемат антизападните сентименти.

Причината за ова, според него, лежи во поширокиот геополитички контекст на засилени глобални тензии, кои наликуваат на нова форма на конфликт во кој информациската доминација е клучна. Проф. Иванов објаснува дека на секоја од заинтересираните страни ѝ е неопходна поддршката од јавното мислење, а целта е идентична со класичната пропаганда – креирање на јавно мислење. Разликата е во методологијата: наместо летоци фрлени од авион, денес бојното поле се паметните уреди кои секој од нас ги носи. Моќта на социјалните мрежи за мобилизација и влијание, потсетува професорот, ја видовме уште со „Арапската пролет“ од 2010 година, а денес таа е усовршена до ниво на софистицирана психолошка операција.
– Апсолутно. Во македонскиот дигитален простор се забележува јасна тенденција на користење содржини поврзани со воениот лидер на Буркина Фасо, Ибрахим Траоре, како инструмент за ширење на анти-западни наративи. Овие кампањи често користат комбинација од автентични снимки – како што е поздравот на Траоре со рускиот претседател Владимир Путин за време на парадата по повод 80-годишнината од победата во Втората светска војна – и манипулирани или деконтекстуализирани содржини. Паралелно, се пласираат информации за наводниот економски процут на Буркина Фасо по прекинот на соработката со Франција, со што се конструира приказна за „ослободување” од неоколонијалната зависност, изјави за „Слободен печат“ професор Иванов.
Запрашан дали овие содржини се комбинираат со други наративи релевантни за македонскиот контекст, професорот го детектира и ова како постоечко и потврдено.
– Да, и токму тука лежи ефикасноста на овие кампањи. Глобалниот наратив за Траоре како антиколонијален херој секогаш се адаптира на локалниот социо-културен и историски контекст. Во Македонија, тоа се прави преку реактуелизација на историски антагонизми. Сè почесто на социјалните мрежи се појавуваат географски карти со средновековни граници или се промовираат наративи од крајот на 19. и почетокот на 20. век. Се злоупотребуваат термини како „Стара Србија“ или се оживуваат елементи од бугарскиот историски наратив со цел да се поттикнат поделби и недоверба. Целта на оваа двојна стратегија е јасна. Од една страна, ликот на Траоре се користи за да се прикаже Западот, особено Франција, како „експлоататор“, со што се зајакнува генералниот антизападен сентимент. Истовремено, на локално ниво, во регион како Западниот Балкан, се пласираат таргетирани дезинформации кои го хранат антагонизмот меѓу соседите. На овој начин, се создава впечаток дека евроатлантската интеграција е спротивна на националните интереси. Фактички, дигиталниот простор во Македонија денес наликува на бојно поле на пропаганди, слично на она од пред повеќе од еден век, но со далеку пософистицирани алатки – истакна тој.

Професор доктор Владимир Пивоваров пак, коментира дека немаме релевантни податоци за вистинитоста на некои тврдења кои што се однесуваат на „економскиот бум“ на Буркина Фасо на Фејсбук. Од друга страна пак, смета дека паралелата за „ослободувањето на Македонија“ од Западот како што „тоа го направила Буркина Фасо“ е нереална, а и таа се шири на социјалните мрежи. Македонија мора да е во сојуз со поголеми сили а сама не може да опстане, смета професорот.
– Можни ширачи на овие тези се центри кои ситни финансиски средства добиваат од некој што ги плаќа, а на кого ваквата приказна му одговара – смета Пивоваров.
Од друга страна објаснува и каде Траоре има најголеми симпатии.
– БРИКС го прифаќа Траоре и сè за него се публикува во Кина и во Русија со милионска публика. Ова е глобална поделба на зоните на интерес, но ние не сме геополитички интересни. Од друга страна, ЕУ ни дава средства за реформи кои не ги правиме, а имаме рок уште 24 месеци – вели Пивоваров.
Некои од овие методи за презентација на Траоре во полза на Русија а на штета на Западот се „меки“ – презентација и дисеминација на фотографии каде Траоре е со рускиот претседател Владимир Путин и треба да ја демонстрира нивната блискост, но и нивната човечка страна – да се ловат симпатии на шарм.

„Постои момент кој вреди повеќе од илјада дипломатски говори. Насмевка. Ве погоди ли насмевката? Претседателот на Буркина Фасо, Ибрахим Траоре со широка и искрена насмевка, а ракувањето со Путин спонтано и човечко“, пишува во една објава каде се глорифицира далечниот африкански лидер но преку неговата врска со Путин и описи за да побудат сентименталност.
Но постојат и објави со дезинформации – дека Буркина Фасо под водство на Траоре одбила заеми од ММФ, иако такви добила и во 2023 и во 2024 година. Но тоа е направено на начин што западните финансиски институции се претставуваат како непотребни, заедно со Европа и Америка.
„На Африка не ѝ требаат Светска банка, ММФ, Европа или Америка. Имаме сè што е потребно за да ја развиеме нашата економија без кредит и одбиваме да бидеме финансиски робови“, пишува во една од објавите.
Постоечкиот онлајн екосистем го издигна Траоре речиси до „револуционерна“ фигура, каде претераните или невистинити тврдења за неговите достигнувања се форсираат иако дома тој ги поттиснува граѓанските слободи, ја криминализира хомосексуалноста и го замолчува критичкиот глас. Неочекуваното креирање и надворешни наративи на Траоре дури и во Македонија, е во служба на наративи што одат против Западот. Тоа може да се види во бројни објави на социјалните мрежи, презентирани од неповрзани но анти-западно ориентирани индивидуи како и политички партии кои што демонстрираат симпатии кон Русија.
Оваа содржина е изработена во рамки на проектот „Следење, откривање и разобличување на скриеното странско мешање и манипулирање со информации“, што го спроведува Институтот за комуникациски студии, со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје.