Градежници работници / илустрација / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Да се применуваат мерките за заштита на работниците од горештините, апелира Министерството за економија и труд

Од Министерството за економија и труд попладнево информираат дека согласно усвоената информација за спроведување мерки од Фаза 3 на Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението (2025 – 2030), тоа активно ги координира и имплементира препораките за заштита на работниците и подобрување на работните услови во летниот период.

Во услови на екстремни топлотни бранови, Министерството ги повикува сите работодавачи во јавниот и приватниот сектор да ги применуваат мерките.

– Одложување на работните активности во најтоплите часови од денот – од 11 до 17 часот, особено за работници кои се изложени на директна топлина. Воспоставување можности за работа од далечина, флексибилно или двократно работно време каде што е изводливо. Обезбедување на соодветни микроклиматски услови во работните простории, со температура до 25°C, освен каде што природата на работниот процес тоа не го дозволува. Ослободување од работни обврски на бремени жени и лица над 60 години, доколку не се обезбедени соодветни услови за работа, со исклучок на вработените во критична инфраструктура – здравство, полиција, армија, транспорт, енергетика, јавни комунални претпријатија – се наведува во соопштението.

Министерството за економија и труд нагласува дека ќе продолжи да ги следи и координира активностите за заштита на здравјето и безбедноста при работа, во соработка со Министерството за здравство и останатите релевантни институции.

– Овие мерки имаат за цел да ги намалат ризиците од топлотен стрес и други здравствени последици за вработените, како дел од националниот одговор на предизвиците од климатските промени и екстремните временски услови. Министерството ги повикува јавноста и бизнис-секторот на соработка и одговорност во спроведувањето на препораките за заштита на работниците и обезбедување безбедни и здрави работни услови – се истакнува во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот