Судење Онкологија/Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

„Да ме ослободите или да добијам поблага казна“ – побара од судот аптекарот од Онкологија обвинет за примање мито

Финишираше судењето против аптекарот од Онкологија обвинет за примање мито од пациентката Минка Веизовска – тој побара да биде ослободен, а обвинителот побара казна

Аптекарот од Онкологија, Калтрин Уштеленца, обвинет дека примил поткуп од сега починатата пациентка со рак на белите дробови, Минка Веизовска, за да ѝ издаде биолошка терапија „кејтруда“, денеска пред судот преку својата адвокатка Александра Богдановска побара да биде ослободен од обвинението, а ако сепак му биде досудена казна, таа да биде поблага.

Адвокатката Александра Богдановска и обвинетиот фармацевтски техничар од Клиниката за онкологија Калтрин Уштеленца Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Јавниот обвинител Ајбејан Ајдини пак, побара судот да го осуди фармацевтскиот техничар затоа што, како што рече, се докажало дека тој примил поткуп за да изврши работна задача што морал да ја изврши, односно, дека морал бесплатно да ѝ ја дава на Веизовска биолошката терапија бидејќи таа имала здравствено осигурување, имала карцином на белите дробови и имала извештај за терапијата од докторката онколог Симонида Црвенкова.

Судење Онкологија/Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Обвинителот во завршните зборови на судскиот процес, кој почна минатиот септември, а финишираше денеска, наведе дека вината на Уштеленца се докажала од повеќе докази. Меѓу нив, тој ги наведе самата банкнота од 100 евра која била обележана, па со неа инфлагранти полициските инспектори го фатиле Уштеленца, но и снимката што Минка Веизовска ја снимила од својот мобилен телефон а каде што се слуша гласот на обвинетиот како ѝ бара пари за терапијата.

Судење Онкологија/Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Обвинителот побара судијката како отежнителна околност да ги цени побудите на аптекарот, здравствената состојба на Минка Веизовска, фактот што таа почина во постапката, но и последиците на делото врз македонското општество – разорување на јавните здравствени услуги. За обвинителот единствени олеснителни околности за Уштеленца се тоа што е млад и досега неосудуван.

Пациентката Минка Веизовска еден месец пред да почине во судница сведочеше дека додека се лекувала на Клиниката за онкологија, фармацевтскиот техничар ѝ барал по 50 или 100 евра мито за да ѝ даде терапија „кејтруда“, а според нејзиниот исказ, доколку не платела, тогаш тој ја убедувал дека терапија нема да има и ќе биде дадена на друг пациент.

Веизовска почнала да се лекува од рак на белите дробови во „Систина“, каде што по примени две хемотерапии дознала дека е извонреден кандидат за биолошката терапија „кејтруда“. Станува збор за многу скап лек, од кој еден флакон достигнува над 3 илјади евра. Бидејќи лекот бил доста скап, таа се упатила од приватното во јавното здравство, на државната Клиника за радиотерапија и онкологија во чија аптека од 2019 година работел Калтрин Уштеленца. Ординирачки доктор ѝ била Симонида Црвенкова.

-Од исказот на Веизовска произлезе дека на 21 октомври 2022 година, аптекарот инфлагранти бил затекнат во извршувањето на кривичното дело. За тоа говори и фактот што банкнота била обработена пред да се предаде на обвинетиот. Банкнотата е одземена од обвинетиот при преглед, за кој е сочинет записник. Минка Веизовска рече дека има видео на кое се слуша комуникација меѓу нив, како обвинетиот бара пари за да ѝ обезбеди терапија. Кога ќе се види датумот на тоа видео што беше изведено пред судот, а тоа е 28 септември 2022 година, снимено во 13 часот и 40 минути, ќе се потврди и дека на тој ист ден пациентката била на Клиниката за онкологија – рече јавниот обвинител Ајдини.

Тој посочи дека главниот инспектор за корупција во МВР, Љупче Тодоровски, пред судот сведочеше оти во пракса, ваквите кривични дела ги откривале со пронаоѓање на парите, како и во овој настан.

– Од исказот на инспекторот Тодоровски произлегува дека тој видел дека обвинетиот ја зел банкнотата и самиот ја ставил во џеб. Побиено е дека станува збор за давање поткуп – рече обвинителот во завршните зборови.

Во текот на судењето, одбраната на Уштеленца посочуваше дека на Клиниката за онкологија имало процедура за издавање на лекот според која Уштеленца немал одлучувачка улога и тврдеше дека тој не ја ни допрел банкнотата туку таа му била „ставена“ во дуксерот.

– Исказите на одбраната за процедурата за издавање на лекот, говорат дека процедурата не се почитувала – рече обвинителот, додавајќи дека Уштеленца надвор од процедурата имал пристап до дневната болница, а ги имал и личните податоци на Веизовска, односно нејзиниот телефонски број.

– Барем еднаш директно побарал и најмалку еднаш примил поткуп. Предлагам судот да го огласи за виновен – побара Ајдини.

Адвокат Александра Богдановска /Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Адвокатката на Уштеленца, Александра Богдановска, во завршните зборови рече дека обвинителниот предлог е со непрецизен и нејасен опис.

– Јавното обвинителство не дава опис кои се двете временски поврзани правни дејства што ги презел обвинетиот, ниту опиша кои се трајните прилики. Освен исказот на оштетената, кој е непрецизен, конфузен и контрадикторен, не предложи други докази за времето и местото. Од фотографиите и цеде-то за кое приговаравме дека е доказ прибавен на незаконски начин, се слушаат гласови што не може да се утврди чии се. Па ако судот ги земе предвид, тогаш да земе предвид и дека таа сама и своеволно му нуди награда на лицето на глас, што значи дека оштетената била таа што го поттикнала лицето за кое од снимката не може да се утврди дали е обвинетиот или не. Оштетената му се обраќа ,,да се договориме колку треба да ти дадам, јас да ти дадам не ми смета, колку сакаш бе 50 доволно ти е?“, рече Богдановска.

Судење Онкологија/Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Таа во завршните зборови посочи дека обвинетиот како фармацевтски техничар не бил одлучувачки фактор дали ќе се издаде „кејтруда“ . Според процедурата лекот се издавал по претходен препишан извештај од онколог и тоа преку медицинска сестра, а аптеката имала само улога на магацин и фармацевтскиот техничар не ја напуштал.

Вработените од аптеката немале пристап до дневната болница, како што се утврди од исказите на вработените Билјана Настова и Славица Спасовска, рече Богдановска.

Инаку Спасовска и Богдановска пред судот како сведоци истакнаа дека не го виделе никогаш Уштеленца во дневната болница каде што се давала терапијата, а Минка Веизовска тврдеше дека таму го запознала и таму тој лично ѝ ја носел терапијата.

Адвокатката на Уштеленца побара судот да не го земе предвид ни сведочењето на полицискиот инспектор Љупче Тодоровски, зашто тој бил прогласен за „непријателски сведок“, односно имало став заземен од Апелација каде што се наведувало дека „полициските службеници што учествувале во предистражната постапка за конкретно кривично дело не можат да сведочат и нивните искази не можат и не треба да се земаат предвид при одлучувањето“.

Судење Онкологија/Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Според Богдановска, јавното обвинителство не докажало надвор од разумно сомневање дека обвинетиот го сторил кривичното дело и таа му предложи на судот да го ослободи Уштеленца од обвинение.

Ако сепак судот одлучи дека тој сторил кривично дело, тогаш адвокатката побара индивидуализиран пристап и судот да ги има околностите дека Уштеленца е млада личност родена во 1998 година, која допрва треба да се реализира, нема оформено потесно семејство, не е осудуван и не се води постапка за други кривични дела против него.

Пресудата ќе биде објавена за три дена. Пациентката Минка Веизовска почина пред 8 месеци. Нејзиниот сопруг со адвокатот Марјан Гаврилоски, застапник на оштетената, денеска беа присутни во судница.

Судење Онкологија/Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот