жанета скерлев
фото: Архива/ Жанета Скерлев

Цела нација – вакцинација

Четворица од петмина возрасни во земјата се вакцинирани, барем со една доза. Ама за колективен имунитет, велат главните лекари во земјата, треба најмалку 80 проценти од населението или да има прележано или двојно вакцинирани.

Откако им рековме дека не сакаме реклами на хартија (да ја сочуваме околината, нели) а на врата и љубезните, ама здодевни Јеховини сведоци веќе за ништо не сведочат, не ни доаѓаат и кренале раце од нас, почнаа телефонските јавувања. Бројот ни го знаат, нормално, зашто во формуларите кои мора да се пополнуваат за се и сешто, јас, обидувајќи се да ги надмудрам телемаркетарите, го ставив нашиот домашен телефон.

Се сеќавате на домашниот, статичен телефон, вие кои користите исклучително мобилен? Да, да, има и такви кои се уште имаат еден таков во аголот дома. Служи главно за „не дај Боже“, за да се јават повозрасните роднини кои и натаму одбиваат да се снајдат со модерните теленовотарии (дваесет и први, дваесет и шмрви век, телефон си е телефон) и некако по навика, ајде нека поседи уште малку, и онака ни е комплет со „пакетот“ за интернет и телевизија. И јавувања што да ви кажам. Од дали сакаме прозорци (не), врати (не), стакленици (не), кредити за стан (не), дали сакаме осигурување (не), дали сме биле жртви на сообраќајка која не била по наша вина (пупупу, скраја да е и не!), дали сакаме да го подигнеме наследството од далечниот незнаен роднина од Брегот на Слоновата Коска/Нигерија кое ќе биде наше со уплата на  само 500 до 1.500 фунти на определена сметка (еднаш ми беше здодевно па „врзав“  муабет, ама изгледа не им бев роднински загрижена и брзо ме откачија, па еве и ден-денес без наследство)…

 

Сведоци не засведочија

 

Ама ковидот промени сѐ! Добро, мерките олабавија, но уште некако сѐ е стегнато. Ни телефон да заѕвони, ни понуда да дојде за нешто. Банките кренаа раце од нас, што ме потсети на еден мој бивш колега, голем штедач, кој со години беше опседнат од банката на која не и беше јасно од што живее, зашто изгледаше како речиси ништо да не троши, додека еден ден не побара да види, жив ли е човекот?! Ама сега и кај нас, традиционалните трошаџии – ништо. Штама. Молк. Ѕвонче не заѕвонува.

Дури и оние печатените проспекти проретчија, освен оние за брза храна, макар што и тие сметаат дека сме ги меморирале во мобилните под важни контакти, веднаш по најблиските роднини и пријатели. Јеховини сведоци на врата да се појават, ко први другари би ги пречекале. Таква криза  и самотија не имаше навалено. Па уште нѐ избомбардира владата со пораките да си останеме дома, да не патуваме, ова лето нема лето… Само најхрабрите, најупорните, авантуристите и, се разбира, Балканците (сето ова заедно) се осмелија да пребродат, да прелетаат и да „претунелат“ до континентот или, како што велиме тука, „преко воде до слободе“.

Владата, онаа погоре спомната, заборави да спомне дека останувањето дома е изгор скапо и дека и поблиските, а да не зборувам и за подалечните излетнички и туристички места и атракции толку ги накачија цените, што дури и двонеделно летување за четиричлено семејство во Португалија (пристапна  и омилена туристичка дестинација на Британците), со сите ковид-тестови пред и по патувањето, излезе дека е живо џабе. А мрзнењето во Торки, каде што ветрот мозокот ќе ви го издува, чини, што би рекле тука „и рака и нога“, а богами , би додала јас, и бубрег да продадете ќе треба.

 

Тргни застани

 

Е, сега, велат (тоа Борис и кабинетот) дека најновото и последно, кое нема да биде одложено, ете да си дадеме рака, овој пат нема да се предомислиме, освен ако не се случи нешто непредвидливо ама се надеваме дека нема оти рековме дека нема да се промени – значи конечното ослободување на последните ограничувања од ковид мерките и протоколите, ќе се случи. Ако не на 19-ти, можеби дури и порано, на 5-ти јули, ама ќе видиме. Зашто, тргнувањето па запирањето и промените на правилата урниса голем број бизниси во земјата. Односно домаќинства. Односно луѓе.

Многумина велат дека уште еден удар во јули нема да можат да преживеат. О кеј, има новозаразени со новиот делта вид ковид, но и новозаразените и за жал, починатите, биле од оние, невакцинираните, велат. Како тргнало, за некој месец, цела земја ќе биде извакцинирана –  досега со „Астра-Зенека“ или со „Фајзер“ или со „Модерна“ или со што и да се падне прва доза примиле над 43 милиони  луѓе, а над 39 милиони веќе ја добиле и втората доза. Ова значи дека четворица од петмина возрасни во земјата се вакцинирани, барем со една доза. Ама за колективен имунитет, велат главните лекари во земјата, треба најмалку 80 проценти од населението или да има прележано или двојно вакцинирани. Британија има 66,7 милиони жители.

Активистите посочуваат дека е потребна глобална имунизација за да се ограничи ширењето на разни видови и соеви на ковид-19, пред тој во иднина да стане сезонски грип. Но, тука сега се размислува на покуси патеки – како малку да се олабават правилата и оние со две вакцини, на враќање во земјата (ако успеале да излезат), да не мора да седат десет дена во карантин и да плаќаат дебели пари за два ковид-теста на лабораториите што се размножија низ земјата како печурки по дожд.

А додека се размислува, БоЏо и министрите се запишаа на  краток курс на Тик Ток, Редит, Снапчет и Јутјуб. Да разберат каков тоа договор помладите  во министерствата потпишале со овие платформи за да ги привлечат младите да се вакцинираат, зашто им рекле дека младите не се слегуваат од таму. Злобните јазици велат, не им оди баш најдобро. Се прават како да го разбираат тикот, но со токот биле нешто послаби. Редит? Редит.

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!