
ЦУК: Пожарот во Визбегово се шири кон куќите, можна евакуација на жителите ако е потребно
Од Центарот за управување со кризи информираат дека пожарот кој утрово изби во Визбегово, каде гори дива депонија, брзо се шири и претставува ризик за околните куќи и од Центарот е укажано на градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш да започне со евакуација на жителите доколку процени дека е потребно.
Препорачано
„Во реонот на Визбегово, општина Шуто Оризари во близина на дивата депонија, избувнал пожар кој се шири и претставува ризик за проширување кон околните површини. Има опасност бидејќи во близина се наоѓаат станбени куќи. По барање на градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш побарана е воздушна поддршка за справување со пожарот“, велат од ЦУК.
Оттаму додаваат дека на терен се екипи на противпожарната бригада при Град Скопје, а како воздушна поддршка дејствува авионот „ер-трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување.
„Центарот за управување со кризи веднаш го процесуираше барањето до Министерството за внатрешни работи (МВР) и Дирекцијата за заштита и спасување, со цел побрза и поефикасна интервенција на терен. Укажано му е на градоначалникот на Шуто Оризари доколку се процени дека има потреба да пристапи кон евакуација на населението кое се наоѓа во тој реон. По барање на ЦУК, веќе дејствува авион Ер-Трактор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) за гаснење на пожарот во реонот на Визбегово“, информираат од центарот.