
Чувствотворното ехо на поезијата на 62. „Струшки вечери на поезијата“
Со традиционалното читање на „Т’га за југ“ и палењето на поетскиот оган на 24 август беше отворено 62. издание на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“, кое ќе трае до 28 август и се одржува под мотото „Чувствотворен јазик“.
Препорачано
Одржувањето на традицијата е најсилниот аспект на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ (СВП) и во таа смисла пред официјалниот почеток на фестивалот лауреатот на „Златниот венец“ засадува дрво во Паркот на поезијата и има прес-конференција со новинарите. Годинава дрво засади македонскиот поет Влада Урошевиќ, кој потоа на конференцијата кажа дека наградата „Златен венец“ на СВП му донела многу радост.
– Ја имав таа среќа да бидам, пред повеќе од шеесет години, еден од основачите на овој наш поетски фестивал и еден од оние што учествуваа во дефинирањето на оваа награда. Во текот на годините, со внимание и задоволство следев како на листата на добитниците на „Златниот венец“ се допишуваат нови имиња – стануваше збор секогаш за вистински великани на поетскиот збор, личности чиешто значење ги надминува границите на националните литератури на кои тие им припаѓаат и навлегува во областа на светските вредности – истакна Влада Урошевиќ.
Лауреатот Урошевиќ ја потенцираше важноста на поезијата и нејзиното значење со чија помош македонскиот јазик се издига на високо ниво и е рамо до рамо со другите светски јазици.
– Кога ја гледам денес таа листа, можам да речам дека станува збор за еден вид синтетизирана историја и антологија на светската поезија од втората половина на 20-тиот и првите децении на 21 век. Поезијата на овие поети е објавена тука, кај нас, во репрезентативни изданија, во превод на македонски јазик – и тој корпус на дела, со својата големина, со сериозноста на пристапот и со квалитетот на преводите ја докажува, уште еднаш, рамноправноста на македонскиот јазик со другите светски јазици и ги прави бесмислени злонамерните обиди за неговото негирање – потенцираше Урошевиќ.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на свеченото отворање на фестивалот, со зборовите на Влада Урошевиќ, рече дека, можеби, поезијата нема да го спаси светот, но е убаво додека ја има.
– Ехото на Миладиновци е присутно и денес. И од година во година е сè погласно. Продолжи тоа ехо благодарение и на Струшките вечери на поезијата, создадени по промислата на величествените македонски современи автори чија визија нè крепи и по децении од нивното заминување. „Ние си одиме, а земјата останува“ – напиша чувствотворниот Блаже Конески и со својата скромност не допиша дека и делата остануваат – истакна Костадиновска-Стојчевска.
Годинава главните поетски читања ќе ги предводат повеќе од 25 странски и домашни поети од постарата, но и од помладата генерација. Во рамки на програмата ќе се одржи поетски портрет на лауреатот на наградата „Златен венец“, Влада Урошевиќ. Настанот ќе биде на 26 август во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид.
Пред поетскиот портрет на Урошевиќ, во црквата „Св. Софија“ ќе се одржи свечен настан по повод јубилејот – 100 години од раѓањето на поетот Ацо Шопов, кој бил и претседател на првиот фестивалски одбор. Чествувањето на Шопов ќе продолжи со изложба на фотографии поврзани со неговото учеството на „Струшките вечери на поезијата“ и неговиот придонес за основањето и развојот на фестивалот. Ќе бидат промовирани и негови преведени изданија на неколку јазици.
Годинашната програма содржи портрети на добитникот на наградата „Мостови на Струга“, Гевин Бредли, и добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2023 година, Димитар Башевски. Во рамките на програмата на СВП има специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „Версополис“.
По повод јубилејот „200 години од раѓањето на Шандор Петефи“, во рамки на програмата на СВП има изложба за животот и делото на овој унгарски поет. Од СВП најавија и Тркалезна маса на тема „Поетскиот јазик и вештачката интелигенција“.
Во чест на јубилејот 60 години од востановувањето на наградата „Браќа Миладиновци“, оваа година е издадена Антологија за поезијата и флората, насловена „Меѓу дрвјата“, чиј приредувач е македонскиот поет и филозоф Иван Џепароски.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 193, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-28.8.2023)