
Чулев: Предупредував и укажував на ризиците од незаконското постапување и злоупотребата на службите со цел демонизирање на опозицијата
Тука е и латентната колатерална штета, бидејќи манипулативните и лажни белешки не застануваат кај таргетираната личност, туку отруеното досие со години фрла сенка врз сопружници, браќа/сестри и деца – блокира работни места и сертификати, комплицира визи, работни дозволи и го лимитира пристапот до граѓански права, лепи стигма, го нарушува угледот и достоинството и на тој начин станува колективна казна“ посочува Чулев
По наводите дека во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање зе вршеле злоупотреби од страна на раководители и вработени, се огласи и поранешниот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.
Препорачано
Тој вели дека внатрешните истраги во двете Агенции, како и известувањата поднесени до ОЈО за грубо кршење на законот од страна на раководители и вработени во нив, недвосмислено укажуваат на системска злоупотреба на безбедносно-разузнавачките служби.
Злоупотребата на државни ресурси за следење и прислушување на лидер на опозицијата и истакнати опозициски претставници, новинари, бизнисмени, обвинители, министер и кој ли уште не, според Чулев не е изолиран инцидент и удар врз поединци, туку удар врз демократијата, слободата, владеењето на правото и довербата во институциите.
„На виделина излегоа и причините за мојата професионална дискредитација, но и дискредитацијата на други колеги, незаконското следење, клевети и координирана манипулативна кампања со цел елиминација на професионални кадри од безбедносниот систем, само поради идеолошки разлики.
Уште од 2020 година, и покрај сите притисоци, измислени оперативни обработки и закани, во континуитет јавно предупредував и укажував на ризиците од незаконското постапување и злоупотребата на службите со цел демонизирање на опозицијата. Тука е и латентната колатерална штета, бидејќи манипулативните и лажни белешки не застануваат кај таргетираната личност, туку отруеното досие со години фрла сенка врз сопружници, браќа/сестри и деца – блокира работни места и сертификати, комплицира визи, работни дозволи и го лимитира пристапот до граѓански права, лепи стигма, го нарушува угледот и достоинството и на тој начин станува колективна казна“ посочува Чулев.
Чулев апелира дека сега кога е евидентно дека ресурсите на службите биле брутално злоуптребени за политички, бизнис и лични интереси, неопходна е целосна истрага, декласификација на дел од фабрикуваните материјали и санкционирање на нарачателите и извршителите.
„Ова е битка, но и можност да изградиме модерен, транспарентен и одговорен безбедносно-разузнавачки систем кој ќе ја штити државата и граѓаните, а не ќе се користи за прогон на политички неистомисленици“ напиша тој на Фејсбук.
Поранешниот директор на АНБ Виктор Димовски денеска објави дека премиерот Христијан Мицкоски не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата додека тој бил на чело на оваа институција.
„Одговорно тврдам дека премиерот Христијан Мицкоски, додека бил лидер на тогашната опозиција во периодот кога јас бев директор на АНБ не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, не бил предмет на организирана оперативна работа, а со тоа ниту таргет кон кого биле применувани било какви оперативно-технички мерки, пишува во објава на Фејсбук Димовски, откако на брифинг со новинарите во Агенцијата, актуелниот директор Бојан Христовски кажа дека во периодот од 2019 до 2024 година со внатрешната истрага во институцијата било откриено дека биле следени лидер на опозициска партија и група новинари, медиуми, бизнисмени.
АНБ го известила ЈО за незаконско и неетичко постапување на поранешен директор и група вработени