Човековите права под опсада: Што се случува во ООН и Њујорк денес?

Генералното собрание на ООН се труди да компензира во оваа клучна делница на одржување на светскиот мир и безбедност со резолуции на осуда на војните, агресорите и на актерите, но резолуциите не се обврзувачки, создаваaт политички притисок и клима, а истовремено ги оцртуваат политичките групирања и новиот свет на помеки блокови, кој се создава пред нашите очи.

Фрустрирачка за сите земји и дипломати е блокадата за сериозни и обврзни одлуки за војните што се водат Украина и во Газа. Советот за безбедност е во незавидна состојба на блокада и се претвора во форум за расправи и многубројни странични настани, организирани во неможност да се донесе задоволувачка одлука за основните настани. Советот донесе 50 резолуции што за компарација е многу помалку од редовната годишна работа со многу празен гнев околу нив.

Генералното собрание на ООН се труди да компензира во оваа клучна делница на одржување на светскиот мир и безбедност, за која всушност организацијата е создадена во 1945 година – со резолуции на осуда на војните, агресорите и на актерите, но резолуциите не се обврзувачки, создаваaт политички притисок и клима, а истовремено ги оцртуваат политичките групирања и новиот свет на помеки блокови, кој се создава пред нашите очи. Тоа е поентата на која сакам да запрам малку.

Во сите анализи на меѓународната состојба денес, особено на војната со агресија на Русија врз Украина, американското непријатно заглавување со неусловената поддршка на Израел, на начинот и консеквенциите како го води одговорот на терористичките напади на Хамас (кој веќе никој не го споменува во светло на разурнувањата и 30.000 цивилни жртви во Газа, кои според Меѓународниот суд на правдата се со ‚‚сомнеж геноцидни“ и кои Израел треба со рапорти да докаже дека не се сторени) – светските највлијателните институти за меѓународна политика полека но сигурно доаѓаат до сличен заклучок: дека се приближуваме до свет со нови блокови на влијание, помеки на своите рабови од студено-воените блокови во 50-тите години на 20 век. Влегуваме во некаков хибрид на мултилатерализам, деформиран од регионални центри на моќ кои се компетитивни, и тоа воено, а не само економски компетитивни на теренот на трети земји и континенти.

Ако не повторно „студена војна“, тогаш „заладен свет“ што не исклучува војни во региони. Денес се активни 34 војни и внатрешни граѓански војни, заедно со последнава во Израел и Газа, од кои најголемиот дел – 17, се во Африка.

На таа состојба скандалозно малку влијае ООН, а тоа би требало да биде негова основна задача! Тоа создава голема фрустрација, можеби не и „вина“ (која ја носат големите пет сили во Советот за безбедност), но сепак тој цинизам, продуциран од немоќ, тежи и разјадува. ООН тешко може да преживее ситуација кога земја членка на „големите пет“ во Советот на безбедност, флагрантно ќе ја прегази Повелбата како основен акт на ООН, а Организацијата треба да продолжи да дејствува како „ништо да не се случило“, да продолжи со дебата за новата „агенда за мир“ на генералниот секретар или за мировни и разоружувачки резолуции во Третиот комитет и слично. Русија предлага мировни резолуции (????) и свои кандидати за места во ООН – како вообичаениот дипломатски бизнис да продолжува?! Таков цинизам ќе ја разори Организацијата.

Поделба на „нови блокови на влијание“

Поделбата на „нови блокови на влијание“ се одразува во друга една област, која јас ја сметам за уште повеќе загрижувачка. Имено, ако некако може да сфатите дека големите сили или оние што се сметаат за големи се борат за признавање на таа позиција во меѓународната политика, па посегаат и по воени средства со кршење на Повелбата на ООН, сиот тој ризик го преземаат за добивање позиција на моќ и респект, тоа не го очекувате во областа на досега неспорните и неоспорувани човекови слободи и права, кодифицирани како меѓународно задолжително право во конвенциите на ООН и во редица регионални организации. Тие се сметаа за основа на новиот меѓународен поредок по Втората светска војна.

Што се случува на тој план?

Постои општо назадување (push-back) на планот за промоција, заштита и унапредување (како што вообичаено се комплетира таа фраза) на човековите слободи и права, а посебно скандалозно во некои области од нив, како што се правата на жените и девојките, на ранливите групи и малцинствата, на бегалците и мигрантите. Тоа назадување станува глобален тренд и борба се води по клупите на ООН околу таков прилично вознемирувачки тренд. Тој е поинтересниот дел од настаните во ООН.

Опасноста за која зборував е во поделбата што се наѕира помеѓу земјите по линија на одбрана на некои права, некои состојби и некои субјекти. Имено, групи земји од глобалниот Југ, како што се нарекуваат овде земјите во развој, сè поцврсто (со значајни исклучоци) се спротиставуваат за дебата за унапредување на некои сегменти од човековите права, за кои западните земји со право мошне се залагаат. Тие дебати за правата се третираат како наметнати од западниот свет за да се држат под уцени неразвиените земји. Се користи квазиаргументот за развојот и финансиите како приоритет за да се дискутира за правата, само што потоа правата на ранливите групи (ЛГБТ + мигранти и малцинства) се третираат како наметнати „проблеми“ од Западот кои не постојат оригинерно во овие земји, а правата и местото на жената се третира согласно националните законодавства и традиција и не надвор од нив. И така натаму. Тезата за тоа дека одамна земјите не се потполно суверени во областа на човековите права и дека тие се под меѓународен режим на ЈУС КОГЕНС (или задолжително право) над националните законодавства – сè повеќе и појасно се руинира. Што е сериозно назадување!

Антифеминистички конзервативизам и фантазми на машкоста

Во исто време кога оваа непријатна дебата се води во ООН, сите повреди и кршења на правата на жените и девојките се во пораст, без исклучок. Тие се непропорционални жртви во земјите каде што се водат граѓански војни и, конечно, нивните права се на удар и во најразвиените демократски земји под налетот на антифеминистичкиот конзервативизам и фантазмите на машкоста и машкиот идентитет, заснован на доминација. Лично ме шокира стравот кај некои земји за давање права на сопствените граѓанки, што се смета за повознемирувачки од отворање судири со соседите (???). Неверојатен, на моменти неразбирлив отпор!

Тој отпор на овие групи земји од геополитички причини ги поддржува Русија и Кина, и групацијата станува поцврста низ гласањата за резолуциите за човековите права, посебно во Третиот комитет на Генералното собрание на ООН. Таму се одбива секој развој на оваа група права и, посебно, заштитата на жените и девојките онаму каде страдањата се евидентни и докажани. Се ставаат резерви на таквите членови со зборовите дека се користи речник кој не е консензусно усвоен во меѓународното право и слично. Резултатот е неможност да се направи напредок преку консензус и практично почнуваме да гласаме „во блокови“ – тие против нас, ние против нив. Од тоа излегуваат резолуции за човековите права со многу резерви на нивните членови и поделба која е сè поочигледна.

Што телата на ООН сепак направија во обид да го потиснат ова назадување? Се постави на маса можноста да се дефинира злосторство против човештвото наречено „женски апартхејд“, целејќи ги Авганистан и Иран, пред сè, како општества кои структурално се поставени врз доминација и поделба на своите граѓани врз родова основа. Ова е посилна одредба од оние за дискриминација врз жените. Се дискутира воспоставување на ново дело: злосторство против човештвото – насилно забременување на жени и девојки во услови на силувањата во војните. Се направи навистина важен чекор за поставување на женските права, освен во секторот на човекови прави, каде нормално припаѓаат и во секторот на економските и социјални односи како критериум за оценка на т.н. „одржлив развој“. Разликата е битна и се состои во тоа што сега женските права и омоќување на жената, паритетната застапеност во државата и економијата е фактор за оценка на економскиот развој на земјата. Нејзиното вклучување недвосмислено се смета за мотор на економскиот развој (особено се користат искуствата и бројките на некои земји, Норвешка пред сè). Со овој потег се одзема „аргументот“ на некои земји дека прво треба економски да се развијат, а потоа да расправаат за права на нивните сограѓанки.

Се направи мрежа за поддршка на ЛГБТ+ групите, каде што тие се под закана за кривичен прогон или дури смртни казни (Уганда, делови од бившиот СССР, Азија…) и се инсистира на нивна заштита и промоција на нивните права во сите резолуции за кои стануваше збор независно од резервите на земјите за кои зборував.

Kонечно се укажа можност Македонија да понуди едно важно решение

Ми се чинеше важно, а и единствено продуктивно за нас, како мала земја, но со извонредно искуство во преговарање на конфликти на идентитети – тоа да им го понудиме на ООН, кои имаат проблем со речиси целосна палета на токму такви конфликти во целата своја историја. Исто така, во структурата на ООН нема едно место каде што се концентрирани знаењата, датотека на институционална меморија и можен избор на експерти и тренинг-курсеви за дипломати што би се вклучиле со знаење и практика во помош за преговарање конфликти и медиирање во жешките жаришта низ светот. Тоа зачудува, но така е: постои некоја мрежа на т.н. градење на мирот полуинституции, Комисија за градење на мирот и Оддел за преговарање при Секретаријатот, но неструктурирани и нефокусирани на специфичните и особено тешки, а толку чести идентитетски конфликти, без фокус на превенција и учење посебни методи и техники на преговарање, што во перспектива може да создаде и „школа на преговарање и посредување карактеристична за ООН“!

По пат, во овој момент во кој ова се случува, недостигот на такви знаења, иницијативи и храброст за посредување е најслабата точка на ООН за која организацијата е масовно критикувана. На некој начин работите се совпаднаа и иницијативата за која Македонија направи концепт-нота, полека почнува да се реализира во делот за превенција на геноцидни злосторства против човештвото на генералниот секретар.

Преземено од Либертас

(Авторот е македонски амбасадор во Обединетите нации)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот