Фото: „Слободен печат“

Четири згради на улицата „Маџари“ во Ченто час имаат, час немаат вода

Според станарите, проблемот со недостиг на вода и низок притисок се појавил неодамна, односно од пред неколку викенди кога „Водовод“ изврши посериозен зафат на главната цевка. Од претпријатието тврдат дека овој проблем на станарите не е во нивна надлежност, бидејќи по направените проверки притисокот на водоводните цевки не е под предвидената граница.

Во скопската населба Ченто, жителите на четири згради на улицата „Маџари“ веќе две недели имаат огромен проблем со приклучокот на вода и водениот притисок во нивните домаќинства, што ги принудило да бараат алтернативни решенија како полнење шишиња и ноќно дежурање чекајќи топла вода. Со тоа, како што велат станарите, се приморани да се вратат „векови“ наназад по условите во кои живеат, а за ова неколку пати го информирале и ЈП „Водовод и канализација – Скопје“, од каде што ги информирале дека овој проблем не е во нивна надлежност.

Конкретно, без вода или со минимален притисок се четири згради на улицата „Маџарска“, зградите број 28, 30, 32 и 34, сите на пет ката и високо приземје. Ако се има предвид дека секоја од овие згради има два влеза со по три стана на кат, во една зграда има 30 стана, што значи дека со овој проблем се соочуваат вкупно 120 домаќинства со околу 480 станари. Тие се од сите старосни групи, од родители со мали деца и бебиња, па сѐ до луѓе од повозрасната група, а дел од пензионерите се и болни.

Според станарите што пратија писмо до редакцијата на „Слободен печат“, проблемот со недостиг на вода и низок притисок се појавил неодамна, односно од пред неколку викенди кога од „Водовод“ најавиле посериозен прекин поради интервенција на главната цевка и кога без вода беа оставени населби од неколку скопски општини.

– Проблемот се влоши од минатиот викенд, кога половина Скопје немаше вода поради интервенцијата на таа главна цевка Ф1600 кај Рашче, по што речиси сите околни населби добија вода сè до Автокоманда, а само ние останавме без вода. Од „Водовод“ инсистираат на монтирање пумпи, но кај нас проблем е притисокот на вода, бидејќи до главната шахта доаѓа 2,2 бари, а потребно е притисокот да биде од 3 до 6 бари. При мерење на притисокот во зградата, уште на првиот кат се измерени 1,2 бари, што е под потребното ниво – пишува во писмото од станарите.

Откако сите населби добиле вода и интервенцијата била завршена, овие четири згради биле единствените што останале без вода, а станарите велат дека веќе две седмици се борат со овој проблем за кој немаат решение. Според нив, се чувствуваат мизерно бидејќи немаат основни услови за живот, не можат да ги вршат елементарните обврски како миење садови, туширање и слично, а воедно „се молат“ да заврне дожд, бидејќи само тогаш тие имале нормален воден притисок.

– По интервенцијата на „Водовод“, притисокот беше понормален, но не доволно силен за да може да повлече топла вода за туширање. Само кога неодамна имаше пообилен дожд, притисокот беше донекаде нормален. Откако се изведе приклучокот на главната цевка кај изворот Рашче, ситуацијата нагло се влоши. Сега дури и по цели денови нема вода, каква што е ситуацијата сега. Инаку, одвреме-навреме добиваме малку вода, но многу брзо запира доводот – додаваат тие.

Жителите од овие згради велат дека откако се појавил овој проблем притисокот обично вода снемува во попладневните часови, поточно околу 16 или 17 часот, и тоа трае сè до 23 часот, некогаш и подоцна. Откако ќе добијат вода, пак, на почетокот е со минимален притисок, што се нормализира дури во еден часот по полноќ па сѐ до пет наутро, и така во круг.

Проблемот го пријавувале во Општина Гази Баба, дури и писмено, а оттаму одговориле дека не е во нивна надлежност и дека треба да се обратат до ЈП „Водовод и канализација“. Потоа го контактирале и „Водовод“, од каде што испратиле екипа за увид и утврдиле дека тие немаат надлежност за овој проблем бидејќи нивните обврски биле исполнети.

– Иако од Водовод тврдат дека проблемот е во водоводните цевки и за нормализирање на притисокот е потребно монтирање на пумпа, ние како станари се собравме и контактиравме стручни луѓе што ни одговорија дека проблемот не се решава со поставување пумпи, бидејќи според нив кога нема воопшто вода или кога има, но со слаб притисок, тие пумпи нема да функционираат и технички, не е изводливо – ни напишаа станарите.

Прашани за начинот на кој сега функционираат и како тоа изгледа, луѓето објаснија дека ситуацијата е еднакво катастрофална за сите. Не можат да се истушираат, да пуштат машина за перење, а ни да измијат садови.
Исто така, овие станари секојдневно се во неизвесност дали тој ден ќе има вода или не и постојано мораат да полнат шишиња со вода, па дури треба и да дежураат до рано наутро и со шишиња да ја дополнуваат машината за перење алишта, бидејќи може да се расипе.

– Навечер, како и сите луѓе, сме преморени, а кога ќе дојде вода, не знаеме што попрво да направиме, дали да се тушираш, бидејќи топла вода има од еден по полноќ до пет часот наутро, потоа дали да полниш шишиња со вода или да ги измиеш искористените садови од целиот ден. За викенди имало ситуации кога и во сабота и во недела целосно сме биле оставени без вода – посочуваат станарите.

„Слободен печат“ прати прашања до „Водовод“ зошто нема конкретна реакција за решавање на проблемот на овие луѓе, а оттаму ни одговорија дека откако ја добиле информацијата, нивна екипа излегла на терен и притисокот што бил измерен бил, како што велат, својствен за овој дел од Скопје.

– Ве информираме дека во текот на минатиот месец, по пријава на граѓаните, екипа на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, излезе на терен и изврши мерење на притисокот по должината на улица „Маџари“ и констатираше дека притисокот на уличната водоводна линија изнесува 2,2 бари, кој е својствен за овој дел од градот – велат од претпријатието.

Во однос на нивната реакција за решавање на овој проблем, оттаму информираат дека внатрешната инсталација на зградите не е во нивна надлежност, но тие им дале опции на станарите со кои на своја рака би го решавале проблемот.

– Внатрешната инсталација на зградата не е во надлежност на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје и доколку е потребно зголемување на притисокот на водата, како можно решение е вградување хидрофор (пумпа) по главната водомерна шахта, за што граѓаните се известени на лице место, по е-пошта и телефонски – демантираат од „Водовод“ за „Слободен печат“.

Иако станарите тврдат дека не се работи за внатрешен проблем во зградите, туку за проблем со приклучокот на цевките во надлежност на ЈП „Водовод и канализација“, од каде што, пак, демантираат и велат дека направиле сè што е во нивната надлежност откако утврдиле дека цевките имаат доволен притисок, факт е дека околу 500 луѓе веќе две недели живеат далеку под минималните услови и бараат итно решавање на овој проблем со цел да се вратат на нормалното живеење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот