
Четири доживотни и една ослободителна – по нецела година судење без одговор клучните прашања за убиствата на Вања и Панче
Ослободителната пресуда е донесена за таткото на девојчето Александар Ѓорчевски, кој беше обвинет за помагање во грабнувањето на Вања, што значи дека трошоците за постапката што се водеше против него ќе бидат платени од државниот буџет доколку пресудата стане правосилна. Обвинителството најави жалба на оваа одлука
Со четири доживотни казни, една ослободителна пресуда и многу неодговорени прашања, меѓу кои и најбитното – зошто била убиена малолетната Вања Ѓорчевска – заврши судскиот процес за грабнувањата и убиствата на 14-годишно девојче од Скопје и на велешанецот Панче Жежовски (74). Судот потврди дека првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо им пукал во глава на жртвите, а во грабнувањето и убивањето му помогнале Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев. Четворицата, според првичната пресуда, ќе треба да бидат доживотно в затвор.
Препорачано

Ослободителната пресуда е донесена за таткото на девојчето Александар Ѓорчевски, кој беше обвинет за помагање во грабнувањето на Вања, што значи дека трошоците за постапката што се водеше против него ќе бидат платени од државниот буџет доколку пресудата стане правосилна. За Ѓорчевски, кој беше и во ефективен притвор во Шутка, но и во куќен притвор, според судијата Ивица Стефановски, Обвинителството не докажало надвор од разумно сомнение дека го сторил кривичното дело, односно не докажале дека таткото бил во комуникација со Палчо и дека му кажал кога девојчето ќе оди само на училиште.
Без покажување емоции другите обвинети ги слушнаа пресудите за доживотен затвор. Единствено Велибор Манев слушаше со наведната глава. Дури и Палевски, кој беше облечен во сако и имаше што да каже на секое рочиште, не кажа ништо.

Според Судот, Обвинителството не го докажало грабнувањето на Панче, туку само неговото убиство, но го докажало и грабнувањето и убиството на Вања.
– Судот на обвинетите Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Љупчо Палевски за кривичното дело грабнување им утврдува казна затвор од по 10 години, а за кривичните дела убиства на секој од обвинетите поединечно им утврдува казна доживотен затвор, со што им се утврдува единствена казна доживотен затвор – образложи судијата Стефановски при објавата на пресудата во Основен кривичен суд Скопје.
Судијата при читањето на пресудата речиси и да го повтори обвинението против четворицата обвинети, односно начинот на кој ги грабнале и ги убиле жртвите.

Туфегџиќ: Институциите не функционираа
По изрекувањето на пресудата, Ѓорчевски плачеше во судницата, а неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ рече дека Судот донел законита пресуда, но ја критикуваше истрагата на институциите, кои според него не одговориле на суштинските прашања поврзани со случајот и оваа пресуда за неговиот клиент воопшто не била олеснување.
Неговата теорија е дека Ѓорчевски бил уапсен за дефокусирање на јавноста и да се покрие нефункционирањето на институциите, на полицијата, Обвинителството и разузнавачките структури, кои не знаеле, односно не реагирале соодветно, иако групата копала дупки уште од 2022 година, а убиствата се случиле во ноември 2023-та. Оваа пресуда, според Туфегџиќ, не дава сигурност дека понатаму не може да му се случи вакво нешто и на друго дете.
– Денеска Судот донесе законита одлука, меѓутоа, оваа одлука е по својата суштина празна, зашто не ги добивме одговорите на клучните прашања – зошто е киднапирано и убиено ова дете и зошто по секоја цена се инсистираше Александар да биде дел од оваа постапка, иако од првиот момент се знаеше дека за него нема ниту еден доказ. Јавноста има право да знае дали вмешувањето на Ѓорчевски било обид за дефокусирање од она што требало да биде предмет на истрагата, односно зошто институциите и одговорните лица не спречиле ниту предвиделе сериозен криминален план за киднапирање луѓе, кој обвинетите го правеле уште од 2022 година, согласно изјавата на обвинетиот Манев. Мислам дека е ред и Јавното обвинителство и началникот за сериозен криминал Дејан Димовски и Музафер Кариќиќ, и сите лица кои учествуваа во истрагата против Александар да дадат одговор. Вклучително и Службата за државна безбедност да каже – зошто овие лица не беа детектирани навреме? Ова се прашања на кои јавноста заслужува одговор за да бидеме сигурни дека утре вакво нешто нема да му се случи на некој друг родител кој, не дај боже, ќе изгуби дете и ќе заврши во притвор – порача Туфегџиќ.

Тој го нарече Обвинителството „потполно конфузно“ бидејќи јавната обвинителка Жаклина Јосифовска Крстевска првично бараше да му биде продолжен куќниот притвор на таткото, и покрај ослободителната пресуда, за потоа нејзината колешка Ана Стојковиќ-Димитровска да ја поправи и да каже дека немаат законска можност да бараат продолжување на мерката.

Обвинителството, сепак, не се откажува од гонење на таткото на малолетната Вања. Тие ќе поднесат жалба на ослободителната пресуда за Ѓорчевски. Според обвинителките што го водеа овој случај, стандардот „вон разумно сомнение“ не е сто проценти осигурен.
– Иако денеска не ги слушнавме аргументите на Судот за ваквата пресуда, неспорен факт кој стои на страна на овој обвинет е дека единствено родителите на детето знаеле дека детето по исклучок критичниот ден ќе оди само на училиште. Двајца обвинети дадоа исказ дека овој факт го дознале од таткото, не од некој друг, туку од обвинетиот Александар Ѓорчевски преку Палевски. Да не знаеле дека детето дента по исклучок ќе оди само, немало да има ниту грабнување, а немало да има ниту таков последователен исход. Обвинителството не можеше да премине преку овој факт. Наспроти тоа, имаме и други докази кои, иако се посредни, сепак се докази за вината на Ѓорчевски. Од овие причини, Јавното обвинителство не можеше да донесе поинаква јавнообвинителска одлука и ќе вложиме жалба. Обвинетите го сменија исказот на судската расправа, но не понудија ниту еден разумен факт и околност зошто би го направиле тоа. Тоа дека имало тортура само за нивниот исказ поврзан со обвинетиот Ѓорчевски, ниту се потврди ниту се докажа ниту е реално – рече обвинителката Димитровска – Стојковиќ.
И адвокатите на осудените ќе поднесат жалба

Според обвинителката Јосифовска-Крстевска, изречените доживотни казни се доказ дека ниту еден сторител на вакви грозоморни дела не може да остане неоткриен, и покрај до детали испланираните убиства.
Адвокатите на доживотно осудените ќе поднесат жалба на пресудата и тврдат дека нема докази за нивните клиенти.
– Како што почна, така заврши овој циркус. Обвинителството без ниту еден доказ, а Судот врз основа на напишаното во обвинителниот акт. Мислам дека она што беше прочитано, беше само препис од обвинителниот акт. Ниту еден доказ нема, ниту разумен сомнеж. Да имаше барем еден разумен сомнеж кој наликува на доказ, ќе беше добро да имаме вакви пресуди – изјави адвокатот на Палевски, Јовица Страшевски.
Според адвокатот на Видевски, Бојан Манев, Судот при изрекувањето на пресудата имал две контрадикторности.
– Судот ги ослободува обвинетите од грабнувањето на Жежовски. А јас би запрашал – како го убија, а не го грабнаа. Тоа е првата работа, втората е тоа што Судот во својата објава кажува дека човекот е убиен во 10 часот, или 10:20, а цела Македонија виде снимка на бензинска станица дека човекот во 12:30 е жив – рече Манев.
Адвокатот на Кешишев, Игор Ефремов, смета дека Судот не ги зел предвид олеснителните околности за него. Да не бил Кешишев, немало да бидат пронајдени ниту телата, а немало да биде откриен начинот на извршување на грабнувањата. Судот, според адвокатот, не поверувал на исказот дека Кешишев дејствувал поради страв и под наредби на Палевски.
Судот донесе одлука да им го продолжи притворот на осудените до правосилноста на пресудата, а за таткото ја укина мерката куќен притвор.