
Често се будите со утринска главоболка? Ова се можните причини
Будењето во ладно и темно воопшто не е пријатен почеток на денот. А кога на тоа ќе се додаде силна главоболка, тешко дека може да се зборува за добро утро или пријатен почеток на денот, наведува „Хафингтон пост“.
Препорачано
Британската Национална здравствена служба (НХС) вели дека „повеќето главоболки исчезнуваат сами од себе и не се знак за нешто посериозно“. Меѓутоа, д-р Ненси Фолдвари-Шефер, лекарка за спиење и директорка на Центарот за нарушувања на спиењето, рекла: „Ако се соочувате со хронични или со главоболки што појавуваат веднаш штом ќе се разбудите, нарушување на спиењето би можела да биде причината“.
Понекогаш главоболките можат да укажуваат на други здравствени состојби.
Кои се можните причини за утринска главоболка?
Според магазинот „Медикал њуз тудеј“ (Medical News Today), честа причина е апнејата при спиење. Апнејата при спиење е состојба што се карактеризира со епизоди на прекин на дишењето и отежнато дишење во текот на спиењето. Состојбата се изразува со индексот АПНЕА-Хипопнеа (АХИ) во текот на еден час. Причините за прекин може да бидат поради опструкции во горните дишни патишта, носот, крајниците и ждрелото (опструктивна апнеја во сонот – ОСА) или централна апнеја.
Апнејата исто така може да ве направи сонливи во текот на денот и да предизвика гласно ‘рчење додека спиете. Треба да се лекува што е можно побрзо бидејќи ова нарушување на дишењето може да предизвика голем број здравствени компликации. Ако не се лекува, може да предизвика проблеми со менталното здравје, да го ослабне имунолошкиот систем, да придонесе за губење на меморијата и да го зголеми ризикот од висок крвен притисок и срцева слабост (инсуфициенција).
„Сметаме дека повеќе од половина од луѓето со апнеја во сонот имаат главоболки. Класичното сценарио е дека лицето се буди секој ден со главоболка која исчезнува во рок од четири часа“, рекла д-р Фолдвари-Шефер.
Бруксизмот, кој вклучува чкрипење со забите, односно вилицата додека спиете, исто така може да предизвика „тапа главоболка“ кога ќе се разбудите, како и необјаснета болка во увото. Несоницата, најчестото нарушување на спиењето кое вклучува тешкотии при заспивање, одржување на сонот или повторно заспивање по раното будење, исто така може да предизвика тензични главоболки, вели д-р Фолдвари-Шефер. Несоницата „може да го отежни спиењето, што може да доведе до повеќе главоболки“. Депресијата и анксиозноста, мамурлакот, прекумерното спиење, дехидрацијата, мигрените и кластер главоболки се други можни причини.
Кога треба да посетите лекар поради утрински главоболки?
Ако забележите главоболка заедно со други симптоми како што се болка во вилицата, тешкотии при спиење, гласно ‘рчење или исцрпеност, обратете се кај лекар. Националната здравствена служба (НХС) вели дека треба да посетите матичен лекар и ако:
– Главоболката постојано се враќа.
– Лековите против болки не помагаат и главоболката се влошува.
– Имате силна пулсирачка болка во предниот или страничниот дел од главата – ова може да биде мигрена или, поретко, кластер главоболка.
– Имате гадење, повраќање и сте чувствителни на светлина или бучава.
– Редовно имате главоболки пред или во текот на менструацијата.
– Лекарите исто така советуваат да водите дневник за главоболка, што може да биде корисно доколку ви е потребна медицинска помош.