
Чарлс и Камила: Сакаше да биде нејзин тампон, ги преживеаја критиките на јавноста, а денес ќе ја крунисаат својата врска
Британскиот крал Чарлс Трети конечно ќе го оствари својот долгогодишен сон – покрај него ќе биде крунисана неговата „драга жена“ Камила.
Препорачано
И покрај тоа што нивната врска претставуваше проблем за британските институции и предизвика силен јавен отпор, таа е важен дел од неговиот живот со години.
Денеска Камила ќе биде крунисана за кралица во лондонската Вестминстерска опатија, во присуство на сите светски лидери. Но, нејзиниот пат до овој историски момент не беше лесен…
Во деведесетите години, Камила беше најомразената жена во Велика Британија, која принцезата Дијана ја обвини за распадот на нејзиниот брак со тогашниот принц Чарлс. Дијана ја нарече Камила – „ротвајлер“.
Помладиот син на Чарлс и Дијана, принцот Хари, кој сега е отуѓен од монархијата, тврдеше дека Камила играла долга игра за да ја добие круната.
Чарлс, сепак, никогаш не се поколеба во љубовта кон неа.

Двојката се запознала пред педесетина години. Блиску до аристократските кругови, Камила Шанд била опуштена во неговото друштво, забавувајќи го и смирувајќи го тогаш несигурниот принц.
Меѓутоа, кога Чарлс заминал да служи во Кралската морнарица, Камила се заљубила во воениот офицер Ендрју Паркер Боулс. Таа се омажила за него во 1973 година, поради што Чарлс се чувствувал празно.
Нивниот брак се распаднал поради вонбрачните афери на Паркер Боулс.

Во 1981 година, принцот Чарлс се ожени со Дијана Спенсер, влегувајќи во брак кој многумина го нарекоа „бајковит“. Тој имаше 32 години, а Дијана само дваесет. Камила беше гостинка на нивната свадба.
Безнадежно неусогласени, Чарлс и Дијана набрзо се оддалечија. Принцот Вилијам е роден во 1982 година, а принцот Хари во 1984 година.
Кога им се распадна бракот, Чарлс ѝ се врати на Камила и тие ја обновија врската.

Во 1993 година, британскиот таблоиден печат објави транскрипти од нивни интимни телефонски разговори, тајно снимени четири години претходно, во кои Чарлс вели дека сака да биде „нејзиниот тампон“. После тоа понижување, некои се прашуваа дали тој некогаш ќе стане крал.
Чарлс и Дијана се разведоа во 1996 година, а таа почина една година подоцна во сообраќајна несреќа во Париз, Франција. Ова првично доведе до огромен пад на популарноста на принцот.
Чарлс и Камила се венчаа на граѓанска церемонија во 2005 година.

Претходно, беа потребни години внимателно оркестрирана работа за односи со јавноста, со цел да се добие јавното прифаќање на Камила и можноста за нивниот брак.
„Тие двајца се сродни души. Слична возраст, слична смисла за хумор, слични пријатели… сите работи што тој и Дијана ги немаа заедничко“, изјави кралскиот биограф Ричард Фицвилијамс.
Тој додаде дека Камила има „силно чувство за должност“ и ја гледа нејзината улога како поддршка на кралот.
Седум месеци пред да почине, кралицата Елизабета Втора рече дека нејзина „искрена желба е Камила да биде позната како кралица-сопруга“. Во поканите за крунисувањето за првпат се спомна „кралицата Камила“.