Згради/фотографија: „Слободен печат“/ Слободан Ѓуриќ

Цените на становите дивеат и пак сме поевтини од околните земји

Многу странци што сакаат да инвестираат, или да работат нешто во овој регион, купуваат имот токму во Скопје. Од 2008 година можно е во Македонија странци да купуваат станови.

Во однос на 2010 година, цените на недвижностите во Македонија се зголемени за 54 проценти, покажуваат податоците на Народната банка. Раст на цените има и на годишно ниво, во третиот квартал од 2024 година во однос на трет квартал од 2023 година, растот е 8 проценти. Цените не отишле нагоре ако се спореди третиот квартал од 2024 година со вториот квартал од 2023 година, односно се намалиле за 0,3 проценти.

Според Платформата за анализа на пазарот на недвижности во Скопје centarkvadrat.mk просечната цена на метар квадратен во Скопје е 1.680 евра. Притоа, анализата на податоците покажува дека најниска цена за квадратен метар стан била 1.090 евра во Петровец, а највисока 1.898 евра во Центар. Податоците, како што пишува на платформата се во реално време затоа што се прави моментална анализа на базата на податоци за продажба на станови од реномирани извори.

 

Графикон: centarkvadrat.mk

А според огласите, пак, Охрид речиси го стигна Скопје. Станови се продаваат по цена од 1.200 евра за квадратен метар, па до над 2.000 евра.
Пониски цени има во другите градови, како на пример во Прилеп, каде што стан од 77 квадратни метри се продава за 66.000 евра, или на пример во Кичево 59 квадратни метра за 56.000 евра. Но, на пример, за нов стан во Велес од 57 квадратни метри се бараат 90.000 евра.

Иако овие цени се огромни во однос на не така дамнешното искуство кога цените беа далеку посмирени и стабилни, податоците од опкружувањето покажуваат дека ние сепак имаме најниски цени во регионот за станови во централното градско подрачје. Токму затоа, според нашите извори, многу странци што сакаат да инвестираат или да работат нешто во овој регион, купуваат имот токму во Скопје. Особен интерес покажале турските државјани. Од 2008 година, македонската влада дозволи странци да купуваат имот во Македонија. Прво се раздвижи пазарот на недвижности во Охрид, а имот купиле и Англичани и Германци. Нашите извори велат и дека многу од нашите сограѓани што работат во странство инвестираат во недвижности во Македонија.

Според податоците на Републичкиот геодетски завод, во Србија во првата половина на 2024 година просечната цена на становите во старите згради била 1.665 евра за метар квадратен, додека во новите згради била 1.767 евра. Највисоки просечни цени се забележани во Белград, каде што кај старите згради се 2.160 евра, а кај новоградбите 2.453 евра. Но, и во самиот Белград има многу разлики во цени, па според огласените станови, во Белград на вода становите се продаваат од 3.500 евра до 10.000 евра за квадратен метар. Кога станува збор за старите згради, веднаш зад Белград е Нови Сад со просечна цена од 1.945 евра за метар квадратен, додека Ниш бележи цена од 1.275 евра. На другиот крај на листата, каде што се најниски просечни цени на становите, се издвојуваат Зајечар со 745 евра, како и Прокупље и Кикинда со 670 евра.

Во Црна Гора, пак, во центарот на Подгорица, нашите извори од овој град велат дека цените во центарот на градот достигнуваат и до 4.000 евра за метар квадратен, но дека таму е тешко и да се најде стан за купување. Во Тиват за новите градби треба да се издвојат и по 10.000 евра за метар квадратен!

Според огласите, во центарот на Тирана во Албанија, речиси и да нема стан под 2.000 евра. Во моментов се продава стан од 72 квадратни метри за 2.593 евра, стан од 70 квадратни метри за 130.000 евра, стан со иста таква квадратура за 175.000 евра, стан од 180 квадратни метри за 396.000 евра. Веќе ги нема ни цените за станови на море од пред десетина години кога становите се продаваа и по 650 евра за квадратен метар. Така, според огласите на станови на море, кои се нудат и во Македонија, сега за стан во градба во Голем треба да се дадат 1.250 евра за квадратен метар. Според локалните медиуми, побарувачката за недвижен имот и земјиште на албанското крајбрежје во 2024 година е зголемена за 20 до 30 отсто во однос на 2023 година. Околу 40 отсто од купувачите на „морски недвижнини“ се странци, а цените во Албанија, кога станува збор за недвижности, се зголемени за дваесет отсто во однос на претходната година, пишува Нова.рс.

 Добри камати се под 3 проценти, лоши се над 5 проценти

Платформата centarkvadrat.mk дава совети и за кредити. Оттаму советуваат дека многу поволна камата за станбен кредит е под 3 проценти.

„На кредит од 100.000 евра за 30 години, со каматна стапка од 2,5 проценти, вашите месечни рати би биле околу 395 евра, а вкупно би платиле околу 142.000 евра со каматата“.

Каматата од 3 до 5 проценти, според Платформата е умерена.

„На кредит од 100.000 евра за 30 години, со каматна стапка од 4 проценти, месечната рата би била околу 477 евра, а вкупно би платиле околу 172.000 евра“.

Пресметките што ги направила Платформата за недвижности, покажуваат дека каматните стапки над 5 проценти значително ќе го зголемат долгот со текот на времето.

„На кредит од 100.000 евра за 30 години, со каматна стапка од 6 проценти, месечната рата би пораснала на околу 600 евра, а вкупно би платиле околу 216.000 евра“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот