
Цените ќе се смират со Законот за нефер практики? Новата Влада нема да ги замрзнува маржите
Политиката на оваа Влада не е вештачки да поттикнува зголемена и вештачки набилдана јавна потрошувачка, бидејќи на тој начин парите ја губат вредноста, порача премиерот Мицкоски. Во моментот маржите кај нас се движат од 30 до 40 отсто од производствената цена, а сите очи се вперени во Законот за нефер практики, кои ќе ги сведе на најмногу 10 отсто
Новиот владин Кабинет „игра на картата“ смирување на инфлацијата, иако статистички таа во јули изнесувала 3 проценти, па следствено, според премиерот Христијан Мицкоски, нема план за ново замрзнување на цените на основните производи и евентуално намалување на маржите.
Препорачано
До крајот на февруари годинава, цените на храната беа „под мраз“, а од 1 март трговците добија одврзани раце да го надоместат она што го изгубија со четиримесечното замрзнување. Така што, во изминатите шест месеци, цените на храната галопираат во нагорна линија, а поскапувањата се движат од 20 до 50 проценти.
Во моментот маржите кај нас се движат од 30 до 40 отсто од производствената цена, а сите очи се вперени во Законот за нефер практики, кои ќе ги сведе на најмногу 10 отсто. Досега во земјава, постоењето нефер трговски практики не беше регулирано во посебен закон. Дел од овие повреди се карактеризираа како забранети во согласност со постојниот Закон за заштита на конкуренцијата.
– Апелирам до трговците максимално, колку што може, да ги намалат маржите. Ние сме пазарна економија, пазарот ги диктира цените. Ако влеземе во една политика на ограничување, тогаш ефектите ќе бидат спротивни. Видовте што се случи со претходните замрзнувања на цените. Затоа политиката на Владата не е да ограничува, туку да поттикнува инвестиции. Политиката на оваа Влада не е вештачки да поттикнува зголемена и вештачки набилдана јавна потрошувачка, бидејќи на тој начин парите ја губат вредноста – објасни Мицкоски зошто ќе нема нови замрзнувања.
Новиот закон за забрана на нефер трговски практики беше донесен во март годинава и содржи околу 26 нефер трговски практики. На компаниите им беше оставен период од шест месеци да се приспособат. За непочитување на законските одредби, засега се предвидени глоби до 20.000 евра, а рабатот за околу 2.500 производи е ограничен на 10 отсто. Трговците имаат можност да достават забелешки на Предлог-листата најдоцна до 25 октомври годинава.
– Ова е сосема нов закон, нова работа за сите нас. Станува збор за европски закон, приспособен за нашиот пазар. Сметаме дека ќе се воведе ред и дека сè ќе биде законски регулирано. Начелно останува овој период од шест месеци приспособување на компаниите и сметаме дека нема да има никакви проблеми – порачаа од Стопанската комора на Македонија.
Голем број прехранбени производи со ознаката „гарантирана цена“ од 20 септември лани се продаваа во маркетите по цена за 10 проценти пониска од износот на 1 август 2023 година, во согласност со одлуката на Министерството за економија, чија важност заврши на 1 март.
Според, пресметката на ССМ, на четиричлено семејство му се потребни повеќе од 1.000 евра месечно за основни трошоци. Најмногу пари, околу 22.000 денари, се за храна и пијалаци. Од декември лани до сега, минималната потрошувачка кошница е поскапена за 4.600 денари.
Според истражување правено во рамките на ЕУ, 83 отсто од испитаниците рекле дека биле изложени на нефер трговски практики и дека нивните трошоци се зголемиле поради нефер трговски практики, а 77 отсто рекле дека нивниот приход бил намален поради истата причина.
Регионот ги „дисциплинира“ маржите
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека од 1 септември на листата пониски цени ќе се најдат 81 производ. На списокот ќе има широк асортиман производи – од чајни колбаси, шампон, прашок за перење, јогурт, овошје, зеленчук, сè што, како што истакна, им е потребно на луѓето.
Акцијата ќе трае од 1 септември до 31 октомври, бидејќи тоа се тешки месеци. Црногорската влада донесе нови мерки за ограничување на маржите во продавниците на големо и мало, а мерките ќе важат до 31 јануари следната година. Премиерот Милојко Спајиќ изјави дека опфатот на акцијата ќе биде поголем од претходно и ќе опфати повеќе од 1.000 предмети. Акцијата се однесува на 66 различни производи. Маржите за пет основни прехранбени производи веќе се ограничени со владината одлука од јули.
Вкупно 16 трговски центри во ентитетот на БиХ, Република Српска, се приклучија на кампањата „Општествено одговорни“ и ги намалија цените на одредени прехранбени производи и хигиенски средства што ги користат домаќинствата, која почна на 1 август. Трговците на мало доброволно реагираат на кампањата и лепат налепница за кампања до производот со попуст. Министерството за трговија на РС велат дека во оваа кампања биле намалени вкупно околу 300 артикли на прехранбени и хемиски производи.