Царинската управа објави огласи за 63 нови работници

Царинската управа распиша оглас за нови вработувања, а институцијата одеднаш ќе прими 63-ца нови луѓе, објави „Фактор“.

На најголемиот број од луѓето што ќе се пријавата за да работат во Царината, им се нудат нето-плати од по околу 24 илјади денари. Само деветмина ќе бидат малку подобро платени и ќе добиваат по 33 илјади денари месечен надоместок. Овие девет луѓе ќе ја имаат функцијата виш цариник во отсекот за стоков промет во царинската испостава на автопатот Табановце, во Царинарницата Куманово. Тие што ќе конкурираат за оваа работа треба да имаат или Економски или Правен факултет, а не мора воопшто да имаат работно искуство. Предвидени вработувања според етничката припадност, пак, согласно годишниот план на институцијата за оваа година, се седуммина Македонци и двајца Албанци, пишува „Фактор“.

Покрај вишите цариници, во Царинарницата Куманово на автопатот Табановце се примаат уште десетмина други работници, а тие ќе работат како обични цариници. Треба да имаат средно или више образование, и не треба да имаат работно искуство. Платата ќе изнесува 24.394 денари. А, ќе се примаат петмина Македонци, тројца Албанци, еден Турчин, еден од друга националност.

Третиот оглас е за 11 цариници во отсекот за патнички промет во царинската испостава Меџитлија, во Царинарницата Битола. Тие не мора да имаат високо образование, туку вишо или средно и не треба да имаат никакво работно искуство. Покрај активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење, активно познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската унија, односно англиски, француски или германски, треба да имаат и сертификат за канцелариско и архивско работење. Нивните плати ќе бидат 24.394 денари, а се примаат на овие позиции седуммина Македонци, двајца Албанци, и по еден Ром и Бошњак.

Натаму, преку уште еден оглас се бараат дури 20 цариници во отсекот за патнички промет во царинската испостава Меѓународен Аеродром Скопје, во скопската Царинарница. Исто и тие треба да се со више или средно образование, и нема потреба да имаат никакво работно искуство. Платите и овде се 24.394 денари, а се вработуваат 13 Македонци, петмина Албанци, еден Турчин и еден Ром.

И последната категорија од 13 нови вработувања е за цариници во отсекот за патнички промет во царинската испостава Блаце. За нив важат истите услови, а ќе ги земаат и истите плати како и претходните две категории, а се примаат деветмина Македонци, двајца Албанци, како и по еден Турчин и Србин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот