Бобан Николовскиш Директор на Царинска управа на Македонија

За 63 отсто се зголемени заплените на накит, тутун, алкохол и дрога…Царината даде отчет за сработеното во првите 100 дена

Царината учествува со 41 отсто во вкупните приходи на државата, а дури 73 отсто е нејзиниот удел во вкупното прибирање на даноците

Три килограми златен и сребрен накит од Турција во вредност од 5 милиони денари, запленети повеќе од 170 возила за кои не биле платени царинските давачки, стопиран влез на 192 килограм суплементи што се забранети не само кај нас, туку и во ЕУ, како и спречен нелегален увоз на 36 килограм марихуана во вредност од 100 евра, чија пазарна вредност е најмалку трипати поголема, се најкрупните заплени со кои Царинската управа на Македонија ги заокружи првите 100 дена со новото раководство. Во овој период се спроведени 1.900 контроли, реорганизирани и кадровски се екипирани мобилните царински тимови, а констатирано е енормно зголемување на бројот на царински прекршоци.

Директорот Бобан Николовски вети бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, а Царината ќе биде првата брана во таа битка. Ќе се фрли ново светло во перцепцијата на царинските службеници, додаде Николовски, според кого од јули до почетокот на октомври има зголемување од 9,2 отсто на наплатените приходи. Инаку, Царината учествува со 41 отсто во вкупните приходи на државата, а дури 73 отсто е нејзиниот удел во вкупното прибирање на даноците.

Пофалба за првите 100 дена стигна и од министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, според која бројките покажуваат дека од јули до октомври има раст на увозните давачки и на акцизите, што покажувало дека „цариниците не се штеделе во нивната работа“. Таа ги опомена економските оператори да не се обидуваат да внесуваат неоцаринета стока или да покажуваат пониски царински давачки, оти ќе имало вкрстени контроли со УЈП и финансиската полиција.

– Заплените на дрога, алкохол, цигари, накит, суплементи, како и фалсификувани брендови во изминатите 100 дена се зголемени за 63 отсто, а за рекордни 180 отсто е зголемен бројот на кривичните пријави во однос на претходниот период. Работиме да ја подобриме ефикасноста не само со домашните, туку и со меѓународните институции – додаде Николовски најавувајќи го како следен чекор пробивањето на затнатите канали што не овозможуваат функционирање на Отворен Балкан.

-Има застој на границите и граѓаните, бизнисмените и транспортерите губат и време и пари. Во наредниот период ќе се посветиме на овој проблем во соработка со земјите од регионот и ќе спроведеме извесни технички подобрувања за да го отвориме патот преку нашите граници – најави Николовски.
За таа цел веќе се модернизираат граничните премини Деве Баир и Ќафасан, а се работи и на премините Клепало и Делчево, најави Слаѓана Дамјановска од ЦУ.

– Олеснет увоз и царинење, сместување на сите вклучени институции во една административна зграда, како и проширување на граничните премини со уште една транспортна лента се проектите на кои работиме во моментот – рече Дамјановска.

Од претставниците на Царината и информацијата дека со 2,2 милиони евра ќе се дигитализираат нивните функции, а веќе функционира автоматското препознавање на регистарските таблички, а ќе се подобри и едношалтерскиот систем во кој ќе бидат поврзани 15 домашни институции. Во најава е и употребата на боди камери за секој цариник, со кои ќе се снима меѓусебната интеракција на цариниците.

Со што ќе се занимава дополнителниот заменик-директор на Царината?

Директорот на Царинската управа Бобан Николовски информира дека секој царински службеник има своја задача во Царината и оттаму, секој заменик-директор ќе имал своја задача.

– Да не сме сметале дека нема потреба, не би дошло до процесов. Верувајте дека и вториот заменик-директор ќе биде максимално искористен со своите должности што ќе му ги дадам како директор – рече Николовски одговарајќи на новинарски прашања.

Запрашан кои би биле должностите на дополнителниот заменик-директор, Николовски вели дека ќе „има поголеми овластувања со кои ќе го менаџира делот што ќе му го предадам како директор“.

Со измените на Законот за Царинска управа, што е предлог на група пратеници од мнозинството, од кои повеќето се од ЗНАМ, раководната структура во Царината ќе добие втор заменик-директор. Пратениците од ЗНАМ велат дека законското решение, генерално, е на барање на Царинската управа која, како што велат, се соочува со зголемен обем на работа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот