
„Булмак“ повторно тврди дека немало загадување на Крива Река од рудникот „Тораница“
Kомпанијата „Булмак 2016“, која управува со рудниците „Злетово“ и „Тораница“, испрати соопштение во кое негира дека се случил еколошки инцидент во рудникот „Тораница“ и истекување на штетни хемикалии во Крива Река.
Препорачано
„Станува збор за невистинити и неточни информации“, велат од компанијата.
Таа слично тврдеше и пред околу шест месеци, кога анализи на мострите кои беа земени од Крива Река на иницијатива на градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, покажаа дека водата била екстремно загадена по истекување на вода од рудникот контаминирана со цијанид, арсен, олово и други отрови.
„Булмак“ тогаш продолжи да тврди дека немало никакво загадување од „Тораница“ дури и кога Митовски јавно ги покажа анализите, а инспекторите за животна средина, под притисок на јавноста, изрекоа казна за компанијата.
Видеото направено кај Жидилово покажува силна заматеност на Крива Река
На снимката од Крива Река која денеска ја објави „Инфомакс“, а ја пренесоа повеќе медиуми, меѓу кои и „Слободен печат“, се гледа тешко заматената река.
Од „Булмак“ велат дека немаат врска со последниот еколошки инцидент.
„Најодговорно тврдиме дека не постои никакво истекување, инцидент или било каков еколошки прекршок што би можел да ја загрози животната средина или водите на Крива Река. Производствениот процес се одвива под континуиран надзор на стручните служби и во целосна согласност со А-интегрираната еколошка дозвола и важечката регулатива“, велат од компанијата барајќи од сите медиуми да ги избришат објавите поврзани со инцидентот, иако во нив не се тврди дека имало истекување од „Тораница“ во Крива Река, туку дека кај локалните жители кои ги направиле снимките од реката постои сомневање дека тоа се случило, со оглед на претходните документирани инциденти.
„Булмак 2016“ во соопштението не открива дали таа самата зела примероци од водата во Крива Река со чијашто анализа би можела да ги докаже „одговорните тврдења“. Понатаму, компанијата, без да образложи, споменува и „некоректни партиски пресметки и политички манипулации во пресрет на изборите“, во кои не сакала да биде вовлечена.
Директорот на „Булмак 2016“, Тони Тоневски, е поранешен градоначалник на Крива Паланка и кандидат за градоначалникод редовите на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните локални избори.
„Компанијата останува цврсто посветена на еколошката одговорност, законитоста и почитувањето на јавноста со која дели ист простор и ќе продолжи да ја гради довербата преку факти, а не преку манипулации“, велат од „Булмак“ додавајќи дека остануваат „посветени на транспарентност, законитост и одговорно работење во интерес на заедниците каде што функционира.“
Коалиција за зелена иднина: Мораториум, независни анализи и брза истрага
За последниот инцидент во Крива Река денеска се огласи и Коалицијата за зелена иднина (ДОМ и ДПС), од каде велат дека доколку се потврдат информациите за истекување на јаловина и/или други токсични супстанци, „тогаш ќе имаме пред себе еколошка катастрофа, која, како што посочуваат, очигледно ќе остане неказнета само затоа што институциите избрале молк како „одговор“.
Од коалицијата бараат итни и функционални мерки: мораториум на сите активности на рудникот „Тораница“, земање примероци и независно, транспарентно лабораториско тестирање под надзор на меѓународни експерти; јавно објавување на резултатите; и стручна проценка на ризиците за здравјето на населението.
„Паралелно, бараме да се отвори брза и јавна истрага од страна на Јавното обвинителство за минатите и сегашните инциденти, со цел одговорните да се доведат пред законот“, велат од коалицијата.
Крива Река е притока на Пчиња долга 75 километри, која тече и во градот Крива Паланка, но се користи за наводнување на големи земјоделски површини речиси по целото нејзино течение.