Георги Свиленски, пратеник од БСП/Фото: Скриншот/Дарек радио

Бугарските социјалисти нема да го поддржат францускиот предлог за Северна Македонија

БСП нема да го поддржи предлогот на француското претседателство за Северна Македонија, изјави претседателот на пратеничката група на БСП во Народното собрание на Бугарија Георги Свиленски.

„Додека не се исполнат обврските утврдени во договорот од 2017 година, БСП нема да поддржи ниту еден предлог “, дециден е пратеникот Свиленски.

Според него, тоа не значи дека расправата во бугарскиот парламент треба да престане.

„Ние нема да бидеме тие што ќе ги предадеме бугарските национални интереси, ние ќе ги браниме до крај “, додаде Свиленски.

Инаку пратеникот Свиленски е поранешен сопруг на сегашната прва дама на Бугарија Десислава Генчева која во 2016 година се премажи за бугарскиот претседател Румен Радев.

Бугарската социјалистичка партија заедно со Има таков народ (ИТН) и Демократска Бугарија (ДБ) ја формираше владината коалиција предводена од Продолжуваме со промената (ПП) на Кирил Петков која вчера ја загуби довербата при гласањето во бугарското Народно собрание.

Вчера претседателот на опозициската ГЕРБ Бојко Борисов изјави дека неговите пратеници ќе го поддржат францускиот предлог за Северна Македонија што беше поздравено од страна на еврокомесарот за проширување на ЕУ Оливер Вархеји, а така се изјаснија и од Демократска Бугарија, но и претседателот на државата  Румен Радев „францускиот предлог” за деблокирање на евроинтегративниот процес на Северна Македонија го оцени како најдобар за Бугарија.

Бугарското Народно собрание по вчерашното гласање за недоверба на владата на Петков има проблем со обезбедување на кворум за работа, па од ГЕРБ денеска најавија дека нивната пратеничка група ќе влезе во пленарната сала по важни закони за земјата, како што се државниот буџет и оние кои се однесуваат на планот за економско закрепнување, како и за време на расправата за францускиот предлог за Северна Македонија.

Демократска Бугарија (ДБ), ДПС, БСП, ГЕРБ и „Промените продолжуваат” (ПП) бараат и инсистираат темата Република Северна Македонија денеска да помине на парламентарната комисија за надворешни работи на бугарското Народно собрание, изјави потпретседателот на Народното собрание и пратеник од партијата „Преродба”, Цончо Ганев.

Пратеникот од „Преродба” изјави дека целта е утре да има вонредна точка на дневниот ред на Народното собрание за Северна Македонија.

На веб-страницата на Народното собрание има информации за седницата на Комисијата за надворешна политика во 15 часот. Прва точка на дневен ред е изнесување мислење и информација од МНР за нацрт-записник од заедничка седница под чл. 12 од Договорот со Република Северна Македонија од 2017 година и пакетот документи на Претседателството со Советот на ЕУ во врска со процесот на проширување.

 

 

 

Бугарската опозиција предлага Собранието да ја одобри нацрт-преговарачката рамка за С. Македонија и Албанија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот