
Бугарски новинари каменувани во Србија, на локален бизнисмен не му се допаѓало што истражуваат
Екипа од истражувачки новинари на бугарскиот јавен сервис БНТ била нападната во Србија, јавија вечерва медиумите во Бугарија, цитирајќи ја водителката на емисијата за којашто известувале,Богдана Лазарова.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Според написите, нападот се случил попладнето пред рудникот Подвирове во селото Караманица во околината на Босилеград, близу границата меѓу Србија и Бугарија.
Лазарова раскажува дека, приближувајќи се кон рудникот, на околу 50 метри од неговиот влез, патот им го препречил минибус паркиран на коловозот. Екипата, заедно со еко-активисти од Софија и Босилеград, излегле од автомобилите и тргнале пеш кон влезот на рудникот. Во тој момент биле каменувани од шестмина или седуммина напаѓачи, предводени од локален бизнисмен, вели новинарката.
Меѓу напаѓачите биле директорот на компанијата „Босил-метал“, Миодраг Вукајловиќ, шефот на неговото обезбедување и работници, обвинуваат бугарските новинари.
Телевизиската екипа и активистите биле гаѓани со големи камења, со што биле загрозени нивните животи и здравје, пишуваат медиумите. Еден од нападнатите лица добил тупаница во градите, а на друг му била искината облеката, тврдат новинарите.
Тие контактирале со Бугарската амбасада во Белград и со генералниот конзул, а случајот го пријавиле во босилеградската полиција, пишуваат бугарските медиуми.
Босилеград во минатото ѝ припаѓал на Бугарија, а во градот и околината, како и во соседниот Димитровград, и денес живеат значаен број припадници на бугарското малцинство во Србија.