Фото: МИА

Бугарија распиша тендер за последната делница од Коридорот 8 до границата со Македонија

Бугарската Национална компанија за железничка инфраструктура денеска објави тендер за проектирање и изградба на нова железничка траса од Ѓуешево до границата со Македонија, во должина од 2,4 километри – единствениот сегмент што недостасува од железничкиот Коридор 8 на бугарска територија. Паралелно, се објавува и тендер за модернизација на 17-километарската делница од Перник до Радомир.

Бугарското Министерство за транспорт соопшти дека објавувањето на тендерите претставува исполнување на обврските на Бугарија за целосна изградба на железничката врска меѓу двете земји.

Тендерот за делницата од Ѓуешево до границата ја вклучува и реконструкцијата на железничката станица Ѓуешево, додека последните 420 метри од трасата ќе се градат дополнително, по завршувањето на прекуграничниот тунел. Рокот за завршување на делницата е крајот на 2028 година.

Проектот за делницата Перник – Радомир вклучува изградба на двојна пруга со брзина од 160 км/час, уредување на станиците и заменување на сите нивелирани премини со надвозници или подвозници. Рокот за завршување е до средината на 2029 година.

Од македонска страна, Министерството за транспорт потврди дека е испратен одговор на нацрт-договорот што Бугарија го достави во јануари, и дека бугарската страна нема забелешки на измените. Се очекува потпишување на меѓувладиниот договор оваа есен.

По последната средба на министрите за транспорт Николоски и Караџов, и техничкиот состанок на 16 јули во Брисел, двете страни се договорија за формирање работни групи кои до крајот на месецов ќе го финализираат текстот на договорот за изградба на прекуграничниот тунел меѓу Ѓуешево и Деве Баир. Целта е градежните работи на тунелот да започнат во 2026 година, а се разгледуваат и заеднички апликации за европско или друго меѓународно финансирање.

Во рамки на македонската страна од пругата, првата делница Куманово – Бељаковце (90 милиони евра) веќе е завршена, додека се работи на втората делница Бељаковце – Крива Паланка, каде има потреба од ново техничко решение поради проблем со столбови. Проценката за оваа делница порасна од 150 на околу 190–195 милиони евра.

Третата делница, од Крива Паланка до границата, ќе биде долга 23,4 километри и чини околу 550 милиони евра. Македонија планира повторно да го објави тендерот за оваа делница до крајот на 2025 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот