Фото: МИА

Брзите кредити, патувањата и е-трговијата ги тенчат нервите на граѓаните – ОПМ затрупана со поплаки

Гаранцијата на белата техника, мебелот и поправките што се одолжуваат поради недостигот од резервни делови се „вечна тема“, велат од ОМП. Добиваат и поплаки што не се во нивниот домен, како, на пример, високите сметки за електрична енергија и нередовно читање на броилата, како и за честите прекини на електричната енергија во зимскиот период во одредени реони, па дури и за нередовното собирање смет

Организацијата на потрошувачите на Македонија е затрупана со поплаки од граѓаните. Оттаму за „Слободен печат“, велат дека нема ден а да не се јават барем по неколку луѓе да се пожалат, да побараат совет, да критикуваат или да се информираат за некој проблем со кој се соочуваат. Годишно и повеќе од 2.000 граѓани се обраќаат до нив, дали телефонски или електронски, а во глобала според Татјана Тасевска од ОПМ, најмногу поплаки пристигнуваат за купувањето производи, онлајн трговијата, но не се малку и оние кои се жалат на високите сметки или проблемите со брзите кредити.

Гаранцијата на белата техника, мебелот и поправките кои се одолжуваат поради недостигот од резервни делови се „вечна тема“, додава Тасевска и како одминува времето ништо не се менува на подобро. Поплаките добиваат и сезонски карактер, односно цело лето во ОПМ примаат незадоволни коментари од граѓаните кои патуваат преку туристичките агенции.

– Во однос на областите во кои потрошувачите се жалат, најмногу поплаки има за купување на производите од бела техника (машини за перење/ садови/сушење, фрижидери, шпорети, плотна и сл.), техничките апарати (лаптоп компјутери, телевизори, мобилни телефони и сл.), производи за лична употреба (обувки, облека и сл.). Тие се жалат на бројните дефекти за кои не може да најдат сервисери, а посебно на недостигот од резервни делови, поради што поправките траат со месеци. Правата од гаранција и сервисирањето на производите, не стивнуваат особено за белата техника која е и онака скапа. Се жалат и на неквалитетот на обувките, на облеката и на малите апарати за домаќинство. Тие по краток рок после купувањето, не можат да се користат, а продавачите не се согласуваат да бидат заменети или да им бидат вратени на потрошувачот уплатените средства. Има и граѓани што добиле оштетен мебел, кој продавачот не е согласен да го замени – потенцира Тасевска.

Како што се зголемува купувањето преку интернет, така се множат и поплаките за легалните веб-страници и продавачи или преку продажба на социјалните мрежи.

– Тука најголем проблем потрошувачите имаат со нелегалната фејсбук-продажба и продажбата преку другите социјални медиуми, каде што се најчесто измамени и оштетени, бидејќи им се испорачуваат производи со поинакви карактеристики од нарачаните, производи со недостаток или неупотребливи. Потрошувачите што поднесуваа поплаки во овој сегмент, велат дека биле измамени преку заведувачко рекламирање од лажни продавачи, кои прават профили на социјалните мрежи, а притоа не се регистрирани како правни лица – додава Тасевска.

Експертите од ОПМ, велат дека добиваат и поплаки што не се во нивниот домен, како на пример високите сметки за електрична енергија и нередовно читање на броилата, како и чести прекини на електричната енергија во зимскиот период во одредени реони. Некои граѓани бараат помош и за нередовното собирање смет во некој реони на градот, искршените и разместени контејнери, малиот број канти за ѓубре што нередовно се празнат, но и за појавата на диви депонии од градежен шут и сл.

Многу често примаат забелешки и за нередовните автобуски линии, нередовната промена на прегорените улични светилки, прекин на испорака на улично осветлување во цели реони, недоволно информации до која служба да пријават доколку нема улично осветлување, наплата на јавно осветлување таму каде што го нема и сл.

– Поплаки добиваме и за делот на давање услуги, а најзастапени се оние за платената едукација од која потрошувачот не е задоволен, купени карти за концерти што од одредени причини не се одржале и неможност да се повратат средствата подолг период како и проблеми со сервис услугите, хемиско чистење и друго – откриваат од ОПМ.

Со летото почнуваат и проблемите со туристичките агенции

Секое лето е иста песна, велат од ОПМ и потенцираат дека од цела Македонија стигнуваат големи реакции за туристичките аранжмани. Ако не е сместувањето, тогаш е проблемот со превозот и така во недоглед.

– Граѓаните се толку револтирани од квалитетот на услугите за прескапите патувања и одмори, што се закануваат дека веќе никогаш нема да патуваат преку некоја домашна агенција. Голем револт им предизвикува несоодветниот сместувачки капацитет и плажите, бидејќи тие обично не се онакви какви што се прикажани во програмата за патување и на фотографиите што ги нудат агенциите. Тие се многу незадоволни кога не го добиваат хотелот за кој се договориле, кога оценуваат дека нивото на удобност е пониско од договореното или ако сместувачките капацитети немаат очекувани содржини, а не се споменати во програмата за патување – набројува Тасевска.

Брзо земаат кредити, а долго се каат

Финансиските услуги се исто така честа причина за поплаките на граѓаните. Тука влегуваат кредитните производи што ги нудат банките, односно високите променливи каматни стапки, проблеми со картичките и трансакциите, а што се однесува до финансиските друштва, поплаките за наплатата на опомените за задоцнето плаќање и наплатата на високи трошоци што честопати и два до три пати го надминуваат долгот.

– Се чини дека граѓаните брзо земаат кредити, ама потоа долго се каат. Тие стануваат презадолжени и бараат строга и правична заштита од надлежните институции – велат од ОПМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот