
„Брза лента“ за инспекции во енергетиката – потпишан Меморандум меѓу РКЕ и ДПИ
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) денеска потпишаа Меморандум за соработка, со кој се воведува „брза лента“ за постапување по предметите каде е потребен инспекциски надзор во областа на енергетиката.
Препорачано
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, изјави дека платформата ќе овозможи побрза и поефикасна реакција во случаи на сомнителни или нерегуларни активности на компаниите.
„Секојпат кога ќе имаме индиции за атипично однесување на компании во секторите кои ги регулираме, алармираме до ДПИ да излезе на терен. Од друга страна, ние поведуваме постапки по информации од ДПИ секогаш кога ќе констатираат нерегуларности. Заедничкото делување има за цел да ги заштити потрошувачите и воедно да делува корективно кон носителите на лиценци“, рече Бислимоски.
Тој потсети дека неодамна РКЕ започна постапка за одземање лиценца на нафтена компанија кај која ДПИ утврди дека не се исполнети минималните технички услови за работа.
Директорот на ДПИ, Влатко Стојкоски, информираше дека само во изминатите осум месеци инспекторатот спровел над 80 надзори во трговијата со нафтени деривати, при што биле земени над 150 примероци за анализа на квалитет, а издадени биле и 16 решенија за привремена забрана на работа поради нерегуларности.
Стојкоски најави засилен надзор над трговците на големо со нафтени деривати и енергенси, особено во однос на исполнување на условите за работа и обврските за резерви.
„Ќе продолжиме со строги контроли и санкции за несовесните трговци со нафтени деривати и други енергенси“, потенцира Стојкоски.