Талат Џафери книга/слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Бриши македонски јазик, пиши Талат Џафери

 Извештајот е така напишан бидејќи јас така сакав, одговори претседателот на Собранието на прашањето зошто текстот во книгата е прво на албански јазик, па потоа на македонски и на англиски

Претседателот на Собранието Талат Џафери на крајот на својот втор мандат издаде „Мандатен извештај на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија“ – богато илустрирана книга која ги содржи активностите на Џафери во изминатите четири спикерски години.

Насловот и текстовите во изданието подготвено од неговиот кабинет прво се напишани на албански јазик, како втор јазик е македонскиот и трет јазик е англискиот. На насловната фотографија истакнати се три знамиња – на Македонија, на Албанија и знамето на ЕУ.
На прашањето зошто при објавувањето на „Мандатниот извештај“ не е почитуван редот пропишан во Уставот – текстот прво да биде на македонски јазик и со кириличното писмо, Џафери наместо да одговори почна кавга со новинарите.

– Каде пишува дека така треба? Извештајот е така напишан бидејќи јас така сакав. Талат Џафери и по Устав и по закон е Талат Џафери. Не можам да лечам нечии фруистрации. Ме прашувате редоследно зошто е така, а јас не го напишав како лична работа, како граѓанин, ниту јас сум го печател. Издадено е за јавноста и за едни и други да читаат. Ниту е прво ниту е последно што ќе биде напишано како што јас ќе го напишам – рече Џафери.

„Извештајот“ е објавен под покровителство на Собранието, за текстот е одговорен Кабинетот на спикерот, користени се собраниски фотографии, лектурата и преводот на албански јазик е на собраниската служба, а отпечатен е во 200 примероци.

Во член 7 од Уставот пишува: „На целата територија во Република Северна Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член“.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска вели дека доаѓа од иста изборна единица и од иста општина од каде што е и претседателот на Собранието.

– Таму така се постапува и тоа е во согласност со оној Закон за двојазичност кој што е дивоградба, каде што важат правилата на Рамковниот договор. СДСМ ова го премолчува и го дозолува и затоа Талат Џафери кажува дека постапува по свое, без разлика што во оваа држава треба да се почитуваат законите, особено од претседател на законодавен дом. Замислете како тој ќе се однесува од понеделник во владата – вели Стојаноска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот