ЕУ Брисел/ Фото: МИА

Брисел го активира алармот – Австрија под европска опсервација за дефицитот

Европската комисија ја активираше дефицитната постапка против Австрија, сигнализирајќи нова фаза на фискален притисок за една од најбогатите членки на ЕУ. И покрај уверувањата на министерот за финансии Маркус Мартербауер дека ситуацијата е „под контрола“, бројките говорат за еден од најголемите буџетски дисбаланси во еврозоната и сериозни предизвици на социо-економски план.

Австрија моментално има буџетски дефицит од над 3% од БДП и ниво на државен долг што значително го надминува критериумот од 60% според Мастришкиот договор. Таквата состојба, дополнета со слаб економски раст и висока инфлација, ја принуди ЕУ да ја активира формалната процедура за прекумерен дефицит.

Министерот Мартербауер, кој неодамна ја презеде функцијата, не го криеше дека ова сценарио било неизбежно. Тој тврди дека проблемите се наследени и дека неговиот ресор веќе работи на фактички базиран план за консолидација, кој предвидува штедење од шест милијарди евра годинава и речиси девет милијарди идната година.

Бројките не се неутрални: Штедење со последици

На хартија, фискалниот план што го презентира австриската влада навистина изгледа дисциплинирано и структурирано ,тој нуди јасни цели, временски рамки и номинално високи заштеди. Но зад тие уредни табели и проекции се крие една далеку покомплексна и потенцијално болна реалност, која носи сериозен социјален товар што може длабоко да ја засегне секојдневната економска сигурност на граѓаните. Веќе самата изјава на министерот Мартербауер дека „ова ќе го почувствуваат сите“ го најавува потенцијалот за далекусежни последици кои не се сведуваат само на буџетски ставки, туку и на квалитетот на живот.

Зад декларацијата за стабилизација стојат неколку неизбежни прашања, дали економската рамнотежа ќе се постигне по цена на жртвување на одредени општествени приоритети? Дали ќе се намалат одредени социјални програми кои го штитат најранливиот дел од населението, или ќе се пролонгираат инвестициите во јавната инфраструктура што треба да го поттикне идниот развој ? Постои и реална загриженост дека реформските процеси во сектори како здравството и образованието, кои се веќе оптоварени од хронични проблеми, ќе бидат ставени во мирување поради ограничените средства.

Овие прашања стануваат уште поостри во контекст на актуелната економска клима во земјата. Австриските домаќинства веќе подолг период се изложени на притисок од инфлација која останува повисока од просекот во еврозоната, што значи дека секојдневните трошоци, од храна до енергија, им стануваат сe потешко подносливи. Во таква средина, секоја мерка на штедење што го засега јавниот сектор или ја ограничува државната поддршка, лесно може да прерасне во политичка нестабилност или масовно незадоволство. Ризикот е особено висок ако граѓаните стекнат впечаток дека товарот на фискалната консолидација не е праведно распределен. Aко постои перцепција дека некои групи носат повеќе од другите, или дека најбогатите и најмоќните успеваат да се извлечат од одговорноста која им се наметнува на останатите.

Во тој контекст, фискалната политика престанува да биде само прашање на бројки и табели, таа станува прашање на доверба, легитимност и социјален договор. А токму таму ќе се одлучува вистинскиот успех или неуспех на овој фискален план.

Политичка стабилност низ економски компромиси

Иако Мартербауер важи за експерт со висока доверба во јавноста (и моментално е најпопуларниот министер), останува да се види колку ќе трае неговиот политички кредит кога најавените мерки ќе почнат реално да се спроведуваат.

Внатре во владината коалиција веќе имало, како што тој призна, „жестоки расправии“ околу буџетот. Тоа упатува дека консензусот околу правецот на економската политика не е целосен, а секое одложување или разводнување на реформите може да ја доведе во прашање кредибилноста на Австрија пред Брисел.

Австрија денес се наоѓа пред една од своите најсложени економски задачи во поновата историја , задачa која не се мери само во проценти и буџетски линии, туку и во доверба, одржливост и социјална стабилност. Целта да се намали буџетскиот дефицит под границата од 3% до 2028 година и паралелно со тоа да се сведе јавниот долг на 60 проценти од бруто-домашниот производ , во услови кога тој моментално изнесува околу 78 проценти , бара не само финансиска дисциплина, туку и внимателно одмерена политичка храброст и институционална чувствителност.
Тоа значи носење низа тешки одлуки, кои мора да постигнат баланс меѓу потребата за стабилни јавни финансии и обврската да не се наруши социјалната кохезија, ниту да се загрози економската основа врз која почива идниот развој. Бидејќи во крајна линија, секоја фискална реформа има човечко лице, таа се рефлектира во услугите што граѓаните ги добиваат, во нивната економска сигурност, во можноста за вработување, и во општото чувство на правичност во општеството.

Како што и самиот министер Мартербауер искрено призна, „ова е долг пат“. Но токму на тој пат, секоја одлука ќе претставува повеќе од техничко решение, таа ќе биде показател за тоа какви вредности претпочита државата, дали ќе настапува како строг управител чија примарна цел е фискална рамнотежа по секоја цена, или како одговорен чувар на социјалната рамнотежа, кој во процесот на стабилизација ќе води грижа за праведноста, еднаквоста и заштитата на јавниот интерес. Тоа е дилемата што ќе ја одредува политичката иднина на Австрија во следните години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот