
Брачните проблеми започнале на медениот месец: Камила не е виновна за брачниот крах на Чарлс и Дијана?
Книгата „Да, госпоѓо: Тајниот живот на кралските слуги“ од авторот Том Квин, која треба да биде објавена следниот месец, носи детален извештај за годините на кралските слуги, но и за моментот кога бракот на тогашниот принц Чарлс и принцезата Дијана почнал да се влошува. Според „Дејли мејл“, проблемите започнале на шкотскиот имот Балморал, недолго по нивната свадба во 1981 година.
Препорачано
Тврдењата за книгата ги изнел анонимен извор кој раскажал дека покојната принцеза од Велс не го сакала Балморал и дека нејзината омраза кон шкотскиот имот произлегла од досадата со традиционалните активности на отворено, иако пораснала во природа и уживала во лов и риболов.
Признавањето дека Лејди Ди повеќе го сака градот отколку селските спортови, според изворот, било шок за тогашниот принц од Велс. Нивните различни интереси наводно го поткопале бракот уште на самиот почеток. „Мислам дека тоа беше почетокот на влошувањето на нивниот однос, без оглед на тоа што луѓето велат дека причината била друга жена“, изјавил изворот.
Книгата „Да, госпоѓо: Тајниот живот на кралските слуги“ тврди дека досадата ја натерала Дијана да прави дрски шеги за да го скрати времето. За време на едно патување, додека го следела својот сопруг во неговата омилена активност, таа задевавала група ентузијастички риболовци.
„Изгледаше малку здодевно, и кога наеднаш сè стивна, таа му довикна на принцот Чарлс: ‘Драги, зарем не би било полесно само да користиме мрежа?’“, раскажал изворот.
Различните хобија на тогашниот принц и принцеза од Велс очигледно станаа постојан извор на несогласувања во нивниот брак.
Иако принцезата Дијана во своите писма за првите години од нивниот брак – кои беа продадени на аукција во јуни – ѝ напишала на поранешната куќна помошничка на нејзиното семејство, Мод Пендри, дека таа и Чарлс „се забавувале прекрасно“ на медениот месец, авторката на книгата „Војвотката“, Пени Џунор, смета дека разликите меѓу парот станале многу изразени токму тогаш.
Идниот крал сакал времето да го помине во активности како пливање, читање, сликање и пишување писма со благодарност, додека Дајана очекувала повеќе разговори.
„Дајана се навредуваше што Чарлс повеќе сакаше да зарива глава во книги отколку да седи и да зборува со неа. Му замеруваше што со часови седеше пред штафелајот… Еден ден, додека Чарлс сликаше, отиде да провери нешто на половина час. Кога се врати, откри дека Дајана му ја уништила сликата и целиот материјал“, стои во книгата.
Но, дали навистина брачните проблеми започнале на Балморал, на медениот месец или дури и порано? Не е тајна дека Чарлс, според книгата на новинарот Роберт Џобсон, страдал поради својата одлука да не го откаже венчавањето со Дајана. Иако знаел дека не се компатибилни, се чувствувал немоќен да направи нешто.
„Очајно сакав да се извлечам од венчавката во 1981 година, кога за време на свршувачката открив колку изгледите беа лоши“, изјавил Чарлс.
Ана Алан, професорката по балет на Дајана, во своите мемоари „Танц со Дајана“ открива дека Дајана била незадоволна од бракот со Чарлс поради неговото отсуство, неприфаќањето на нејзините романтични гестови и љубовта кон Камила. Алан и Дајана станале блиски пријателки за време на часовите по балет и често се доверувале една на друга.
Еднаш, Дајана во Кралската опера танцувала на песната „Uptown Girl“ од Били Џоел. Иако изјавила дека таа вечер никогаш нема да ја заборави, ѝ се доверила на Алан дека на Чарлс „не му се допаднало како се претставила“.
Алан тврди дека во 1987 година Дајана била скршена поради смртта на нејзиниот телохранител и љубовник Бери Манаки во несреќа со мотор. На снимките од нејзиниот тренер по говор, Питер Сетелан, Дајана го опишала Манаки како „својата најголема љубов“.
Во претстојната книга „Да, госпоѓо: Тајниот живот на кралските слуги“ се пишува и за темпераментот на кралот Чарлс и неговите специфични барања. Иако персоналот тврди дека кралот и кралицата Камила се однесуваат добро со нив, не можат да ги премолчат неговите налети на гнев доколку нешто не е направено според неговите точни барања.
Причините се разни – можеби не ја добил вистинската шолја за чај, совршено исполирани чевли или паста за заби нанесена на неговата четка на начин што му одговара. „Го губи трпението за дел од секунда, но обично брзо се кае“, тврдат упатените.