
Борисов вели Бугарија мора да попушти, Радев е виновен!
Аналитичарите оценуваат дека европските политичари можеби навистина се обидуваат на состаноците во Брисел во декември Бугарија да го тргне ветото за Македонија да ги почне преговорите за членство до крајот на годината, но тој притисок е задоцнет, а штетата од блокадата е огромна и тешко поправлива.
Европските политичари можеби сакаат и навистина се обидуваат на состаноците во Брисел во декември Бугарија да го тргне ветото за Македонија да ги почне преговорите за членство до крајот на годината, но тој притисок е задоцнет, а штетата од блокадата е огромна и тешко поправлива, коментираат аналитичарите. Деновиве во екот на големата политичка криза по најавената, па одложена оставка на премиерот Зоран Заев повеќе политичари од албанскиот блок рекоа дека имаат сериозни дипломатски сигнали за преговори во декември, за што вреди да опстане актуелното парламентарно мнозинство. Од друга страна, пак, претседателот Стево Пендаровски изрази сомнеж дека до декемвриските состаноци во Бугарија ќе се формира влада, а прашање е и дали ќе се формира парламентот, па секако во Софија ќе нема политички фактор што може да донесе одлука.
Препорачано
Борисов најави деблокада на Македонија
Надежите ги подгреа холандскиот премиер Марк Руте, кој рече дека Македонија треба да ги почне преговорите во декември, како и писмото што францускиот претседател Емануел Макрон им го испратил на амбасадорите во членките во ЕУ со барање интензивно да работат на тоа Скопје и Софија да го решат спорот до 14 декември, а Скопје и Тирана да ги почнат преговорите со Брисел до 31 декември. Ова писмо на некој начин вчера го потврди поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, кој меѓу редови најави можна деблокада.
– Европската комисија ќе нè понижи да ја ослободиме Република Северна Македонија да почне со преговорите за влез во европското семејство поради неуспешната надворешна политика на Румен Радев. Не гледате што кажа Емануел Макрон – дека до декември Скопје треба да ги почне преговорите. ЕК ќе нè принуди да отстапиме од нашите ставови и тоа поради Радев – рече вчера Борисов на бугарската Нова ТВ, чија ГЕРБ има највисок рејтинг пред гласањето в недела, но се проценува дека нема големи шанси да формира влада.
Аналитичарот Петар Арсовски оценува дека линијата на евроинтеграциите е клучна за опстанокот на Владата.
– Ако Владата доживее неуспех во евроинтеграциите во декември, прашање е дали ќе преживее, оти многу адути се вложија во овој наратив – потенцираше вчера Арсовски во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.
Според лидерот на НСДП, Тито Петковски, алармот од политичката криза ја кренал совеста на членките на ЕУ.
– Не случајно дојде холандскиот премиер Руте. Самото негово присуство покажа дека нешто позитивно се случува во ЕУ, но секако се и исплашени да не тргне работата на друга страна. Ако не добиеме датум за отпочнување преговори, ќе има повторно разочарување, но ЕУ се мобилизира – коментира Петковски за „Утрински брифинг“.
Според професорот Нано Ружин, сигналите и пораките од Франција и од Холандија за почеток на преговорите со Македонија и со Албанија даваат основа за реален оптимизам дека до крајот на годинава сепак ќе има разрешница за двете земји кандидатки. Во изјава за „Сител“ тој рече дека е пријатно изненаден од информацијата дека Макрон им наложил на амбасадорите да лобираат за таа цел, но на тоа гледа и како на обид да се исправи неправдата кон Македонија и да се симне стигмата дека Франција е кочничар на проширувањето.
Притисокот врз Софија доцни, штетата е огромна
Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас цивилис“, пак, вели дека времето до одлуката на 14 декември, кога е состанокот на шефовите на државите членки на ЕУ, е кратко за да се очекува исчекор толку брзо по парламентарните и претседателските избори во Бугарија.
– Неможноста да се направи влада и потребата од коалиција за мнозинство повторно ќе предизвика остра дневнополитичка реторика таму и во тие околности не е за очекување да се повлечат непопуларни потези и да се прават отстапки, особено што политичките партии се условени од Декларацијата од нивниот парламент со која ги утврдуваат позициите кон нас. Малку е веројатно дека во декември ќе дозволат почеток на преговорите и покрај тоа што притисокот од западните сили е зголемен. Предоцна е за тој притисок и веќе е направена огромна штета од бугарската блокада – штетата кај нас со моментната политичка криза, штетата во билатералните односи и во односните меѓу сегашната генерација граѓани во двете земји, како и штетата што се нанесе на довербата на граѓаните во европскиот процес, каде бројките се преполовени – вели Трошановски за „Слободен печат“.
Доколку преговорите сепак почнат, агонијата ќе продолжи, додава тој.
– Ајде да речеме и да има почеток на преговорите, верувам дека тоа би било колку да се случи, за впечаток. Агонијата ќе продолжи во текот на самите преговори, без разлика дали билатералниот процес на разговори меѓу Скопје и Софија ќе се одвива во рамките на Процесот на стабилизација и асоцијација или не. Може да се отворат преговорите само колку да се отворат, но така тие ќе ја изгубат трансформациската моќ во општеството, а ние од тој процес нема да сме во добивка, туку само ќе чувствуваме фрустрации – вели Трошановски.
Во врска со иницијативата на Макрон, тој вели дека Франција не сопре кога беше најбитно да ги почнеме преговорите, а сега е неизвесно колку ќе придонесе.
– Франција нема значајно политичко влијание во регионот, ниту економски интерес. Останува и да видиме колку навистина реално ќе се ангажираат. На пример, стратегијата на француското МНР за Западен Балкан што ја најавија пред две години, уште ја нема – вели Трошановски.