Жаир Болсонаро / Фото: EPA/EFE

Болсонаро е виновен за велепредавство и обид за воен удар, пресуди Врховниот суд на Бразил

Поранешниот претседател се соочува со над 40 години затвор

Врховниот суд на Бразил денеска го прогласи за виновен поранешниот претседател на земјата, Жаир Болсонаро, кому му се судеше за заговор за воен удар и за уривање на бразилската демократија, соочувајќи го крајнодесничарскиот популист со децении затвор, пренесе Би-би-си.

Судијката Кармен Лусија Антунес Роча во четврток пресуди дека Болсонаро, кој беше избран за претседател во 2018 година – е виновен за обид насилно да се зaдржи на власт по поразот на изборите во 2022 година од левичарскиот кандидат Луис Инасио Лула да Силва. Тројца од петтемина судии гласале за осуда на Болсонаро.

Давајќи го својот одлучувачки глас, Роча го осуди она што го нарече обид за „сеење малигно семе на антидемократија“ во Бразил – но славеше како институциите на земјата преживеале и се борат.

„Бразилската демократија не беше потресена“, изјави Роча пред судот во главниот град Бразилија, предупредувајќи на ширењето на „вирусот на авторитаризмот“.

Во вторник, двајца други судии, Александар де Мораеш и Флавио Дино, исто така го прогласија 70-годишниот политичар за виновен за водење на она што првиот го нарече „криминална организација“ која се обидела да ја врати јужноамериканската земја во диктатура.

„Жаир Болсонаро бил водач на оваа криминална структура“, рече Мораеш за време на петчасовното обраќање во кое понуди сеопфатен извештај за долготрајниот заговор против бразилската демократија.

„Жртвата е бразилската држава“, рече Мораеш, тврдејќи дека заговорот се одвивал помеѓу јули 2021 и јануари 2023 година, кога поддржувачите на Болсонаро беснееја низ Бразилија откако Лула да Силва ја презеде власта.

Четвртиот судија, Луиз Фукс, гласаше за ослободување на Болсонаро во средата, тврдејќи дека „апсолутно нема докази“ дека поранешниот претседател бил свесен или бил дел од наводен заговор за атентат врз Лула.

Фукс го нарече востанието од 8 јануари 2023 година – кога тврдокорните болсонаристи го ограбија Врховниот суд, претседателската палата и конгресот – „варварски чин“ што предизвика „штета од амазонски размери“. Но, судијата, кој исто така контроверзно тврдеше дека судот нема надлежност за случајот, вели дека нема докази оти Болсонаро е виновен за поттикнување на немирите.

„Не би прогласила политичка смрт на Жаир Болсонаро“, рече д-р Камила Роча, политиколог од Бразилскиот центар за анализа и планирање, која ја проучува бразилската десница.

Таа очекува поддржувачите на поранешниот претседател да продолжат да се борат за да го спасат својот лидер од затвор. Веројатните стратегии вклучуваат обид за избор на голем број десничарски сенатори на изборите следната година кои би можеле да ги отповикаат членовите на Врховниот суд кои се сметаат за непријатели на Болсонаро; барање до Доналд Трамп да изврши поголем притисок врз Бразил поради тешката состојба на Болсонаро; и обид да се осигура дека кандидат на партијата на Болсонаро ќе го победи Лула на претседателските избори во 2026 година. Нивната надеж беше дека десничарскиот претседател би можел да му одобри помилување на Болсонаро, иако Врховниот суд би можел да ги торпедира тие планови, вели Роча.

Започна судењето на Болсонаро, Трамп го брани со царини и санкции против Бразил

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот