
Болка во колк кај деца: Aкутното воспаление е минлива состојба без последици
Транзиторен синовит на колкот е најчеста причина за нагла болка во пределот на колковите кај децат. Се јавува на возраст од 3 до 10 години, и тоа двојно почесто кај девојчињата. Според стручните лица се работи за минлива состојба која не остава никакви последици.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Причините за акутното воспаление на колкот кај децата не се познати, но се претпоставува дека се работи за вирусно воспаление бидејќи често се јавува по претходна фебрилна состојба, инфекција на горно-респираторните патишта, бронхит или пневмонија. Можно е ова заболување да се јави и по претходна повреда на детето.
Навреме посетете ортопед
Болеста се манифестира со нагла болка во колкот, но има случаи кога децата се жалат на болки во натколеницата или во коленото. Некои деца поради болките не сакаат да застанат на нога и да одат, најчесто откако ќе станат од спиење.
Децата криват кога одат или ногата ја виткаат во колкот и коленото, отворена кон надвор, позиција во која притисокот на колкот е најмал. Ако на состојбата и претходела инфекција на дишните патишта или увото може да се јави и мала температура до 37,5степени. Кога ќе се забележат вакви тегоби детето веднаш треба да се однесе на преглед кај специјалист.
Се препорачува да се направи анализа на крвта со цел да се исклучи бактериското воспаление или ревматско заболување. Прегледот кај специјалист вклучува и ехо на колкот со цел да се види во каква состојбата е обвивката на колкот и количината на изливот во колкот. За да се исклучат други посериозни состојби на колкот и карлицата се прави ренген снимка која се повторува по 6 месеци.
Целта е да се исклучи Пертесовата болест на колкот при која доаѓа до трошење на главата на бутната коска заради пореметено снадбување со крв на истата.
Се претпоставува дека повторувани воспаленија можат да доведат до Пертесова болест заради повторувачки притисок врз главата на бутната коска. Понекогаш е потребно да се направи и магнетна резонанца на колкот.
Без интензивни активности
Ова заболување на колкот може да се повлече спонтано, без лекување, ако е во полесна форма. Основна препорака во лекувањето е мирувањето.
Детето не смее да има интензивни физички активности, како трчање или скокање, со цел дополнително да не се оштетат воспалените делови на колкот. Се дава благо антивоспалително средство кое ќе го смири воспалението, отокот и болката.
Антибиотик се дава по оценка на лекарот, после прегледот и направените испитувања, за да се излекува предходно бактериско воспаление и да се превенира бактериска суперинфекција. Контрола кај детето се прави по 3-5 дена од првите симптоми.
Доколку детето добие висока температура и влошување на симптомите треба веднаш да се јавите на лекар. Вообичаено симптомите се повлекуваат по 2-3 дена од почетокот на лекувањето, иако изливот во колкот може да биде присутен 7-10 дена, па затоа и лекувањето се продолжува во тој период, а по потреба и подолго.
Контролите се прават додека потполно не исчезнат симптомите. Компликации од оваа болест се многу ретки. Пертесовата болест се јавува кај 1-3% од децата што имаат транзиторни синовиити. Акутното воспаление на колкот може повторно да сејави, најчесто кај малите деца, во период од 6 месеци од предходното воспаление. Ова се случува кај 4-17% од децата. Излекувањето од оваа болест е целосно и најчесто без последици по колкот на детето.