Бојкот во паралелка во основно училиште во Карпош, поради тоа што ученик нападнал наставничка во петокот

Поголем дел од учениците од една паралелка во 4-то одделение во основно училиште во Карпош денеска ја бојкотираат наставата затоа што не се чувствуваат безбедни. На настава се само неколкумина, сите други се дома. Во дописот што родителите го испратиле утринава до директорката на училиштето, а кој го доби и „Слободен печат“ се наведува дека нивните деца не се чувствуваат безбедни поради инциденти со меѓуврсничко насилство односно насилно поведение кај еден ученик кое ескалирало во петокот при што нападната била наставничката. Дошла Брза Помош и наставничката е на боледување. Во медицинската документација стои дека наставничката „за време на вршење на работните обврски била загризана по раката и удирана по главата од страна на ученик“ и дека е уште вознемирена и расплакана.

Детето две години нема образовен асистент, а директорката вели дека родителите одбивале да му биде назначен додека училиштето правело сè што е во нивна моќ за ученикот да добие образовен асистент. Во меѓувреме, училиштето во периодот откако детето нема образовен асистент, преку стручната служба работело со ученикот, соработувало со родителите, а формиран бил и тим за поддршка на наставниот кадар и ученикот од септември 2024 до март 2025. Директорката се обидувала и да ја подобри работата меѓу вработените и учениците, преку работилници и активности, со дадени насоки од Педагошката служба при Министерството за образование, но попусто. Ситуацијата во петокот ескалирала.

Утринава родителите со писмен допис кој е архивиран се обратиле до стручната служба на основното училиште и до директорката. Во дописот пишува дека донеле одлука нивните деца да не посетуваат настава поради безбедносни причини.

„Ви се обраќаме како родители длабоко загрижени за безбедноста и психолошката состојба на нашите деца. Според информациите што ги добивме од нив, на 09.05.2025 за време на наставата се има случено сериозен инцидент при кој ученик физички ја нападна одделенската наставничка, а потоа и другите ученици. Настанот предизвика страв и длабока вознемиреност кај нашите деца. Воедно, ова е еден од бројните инциденти кои се предизвикани од истиот ученик каде што физички биле нападнати неговите соученици. Сметаме дека во моменталната состојба не се обезбедени основни услови за нивна сигурност, како и за соодветно водење на наставата поради што одлучивме да не ги пуштаме на настава додека не се преземат соодветни мерки за решавање на ситуацијата и гарантирање на безбедна училишна средина. Оваа одлука е донесена заеднички од страна на мнозинството родители на учениците од одделението со цел заштита на нашите деца“, пишува во дописот архивиран од основното училиште. 

Директорката на училиштето ни рече дека во петокот била на службено патување и денеска се работи на расчистување на случајот. Потврди дека паралелката е испразнета, но 5-6 ученици оделе на настава. Директорката не можеше да потврди дали е вистина дека наставничката паднала во несвест, а дека други деца наводно биле исто така физички нападнати, бидејќи како што посочи, била на службен пат.

– За случката во петокот морам да ја истражам работата – ни рече директорката.

Таа се закани со тужби доколку го објавиме името на училиштето и тоа уште пред да ги поставиме прашањата. Инсистираше ништо за случајот да не се објавува иако проблемите според родителите што не ги пуштаат децата на настава траат барем 2 години во кои истите според нив се туркале под тепих.

– Децата ни останаа неписмени од тоа што со години сме во овој проблем. Директорката одбива вонредна родителска средба. Од утринава наставничката е на боледување – велат дел од родителите кои се обратија до „Слободен печат“.

Инаку до Државниот просветен инспекторат родителите од паралелката испратиле и претставка зашто сметаат дека ученикот бил префрлен од еден во друг клас без одлука на училишниот совет, односно незаконски. Во претставката наведуваат дека нивните деца сведочат за бројни инциденти и закани кон наставничката –  со молив на врат ѝ велел на наставничката „ќе те убијам“ а имало и „соблекување и покажување на половиот орган пред сите“.

Од Министерството за внатрешни работи за нашата редакција велат дека во петокот на 9 мај во 14 часот во СВР Скопје А.Г.(45) од Скопје пријавила дека во основно училиште на подрачјето на Карпош, во училница, за време на одржување на училишен час, била физички нападната од 10-годишен ученик.

По целосно документирање на случајот од страна на СВР Скопје испратено е известување до Центарот за социјална работа-Скопје за нивно понатамошно постапување, велат од МВР.

Доцна попладнево родителите добија одговор од училишното раководство дека ученикот ќе биде „повлечен од настава на неодредено“ додека родителите да посетат соодветни институции со цел подобрување на состојбата на ученикот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот