
Богата културна понуда од франкофонските земји носи програмата за одбележување на Месецот на Франкофонијата
Амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје, заедно со амбасадорките на Швајцарија, Романија и Грција на заедничка прес-конференција, што се одржа на 26 февруари во „Јуроп хаус Скопје“, ја најавија програмата за одбележување на Месецот на Франкофонијата.
Препорачано
Амбасадорите на земјите-членки на Франкофонијата ја претставија културната програма и другите активности во рамките на одбележувањето на Франкофонијата во текот на март и на почетокот на април 2025 година.
На заедничка прес-конференција, која ја модерираше Иго Бештел, директор на Францускиот институт во Скопје, за програмата зборуваа Н.Е. г-дин Кристоф Ле Риголер, амбасадор на Франција, Н.Е. г-ѓа Вероник Хулман, амбасадорка на Швајцарија, Н.Е. г-ѓа Моника Аксинте, амбасадорка на Романија, и Н.Е. г-ѓа Софија Филипиду, амбасадорка на Грција.
Во своите излагања тие зборуваа и за универзалните вредности на Франкофонијата, важечки не само за земјите членки на Меѓународната организација на Франкофонијата (Северна Македонија е полноправна членка на оваа Организација од 2006 година), туку и за сите земји кои го почитуваат францускиот јазик и јазичниот диверзитет, солидарноста, мирот, демократијата и човековите права како ултимативни општествени вредности.
На конференцијата присуствуваа и претставници на земји-членки на Франкофонијата: почесната конзулка на Белгија, почесната конзулка на Канада, Првиот секретар во Амбасадата на Бугарија и партнерите на Францускиот институт.
Програмата на Месецот на Франкофонијата во Скопје ќе почне на 7 март со гала филмска вечер во чии рамки премиерно ќе биде прикажан филмот „Грофот од Монте Кристо“ во „Синеплекс“ во „Скопје сити мол“. Програмата до 8 април содржи изложби и уметнички средби, натпревар по изразно читање, Младински франкофонски парламент, Недела на франкофонски филм, Ден на франкофонските култури, како и универзитетска соработка. Програмата ќе заврши на 8 април со отворање на изложба со дела од француската колекција во Музејот на современата уметност во Скопје.
Програмата на Франкофонијата во Битола ќе се одржи на 17 април со гостување на францускиот пијанист Лоран Кулондр на „Џез фабрика фестивал“.
Програмата на Недела на франкофонски филм ќе се одржи од 21 до 28 март во Кинотеката и ќе претстави осум филмски остварувања. Грција ќе ја има честа да го отвори настанот со проекција на филмот „Ривиера“ (2024) во режија на Орфеас Переѕис.
Согласно главната тема на овогодинашното издание на Недела на франкофонски филм, кое е посветено на младоста, „Ривиера“ е грчко-француска копродукција што премиерно беше прикажана на Меѓународниот филмски фестивал во Сао Паоло во 2024 година. Филмот ја раскажува приказната за транзицијата на млада протагонистка кон зрелоста и е наградуван и воодушевувачки филм за наоѓањето сила да се продолжи понатаму со животот.
Во програмата ќе бидат прикажани по еден бугарски, швајцарски, романски, канадски, белгиски и француски современ филм, а македонски претставник во филмската програма ќе биде „Убиј ги прво децата“ на режисерот Димитар Оровчанец, чија проекција ќе се одржи на 27 март во Кинотеката.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 270, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.3.2025)