
Бочварски: Нема 100 милиони евра оваа година за општините, ВМРО-ДПМНЕ манипулира
Пратеникот на СДСМ Благој Бочварски денеска од собраниската говорница изјави дека ВМРО-ДПМНЕ најавувала реализација на пари од унгарскиот заем за општините – оваа година 100 милиони евра и 250 милиони евра идната, 2025 година. Оваа најава, според Бочварски, не се остварила.
Препорачано
„Првата манипулација беше откриена при ребалансот на буџетот за 2024 година кога констатиравме дека нема 100 милиони евра на располагање, туку има некаде околу 70 милиони евра, а втора беше манипулацијата од страна на власта дека наредната 2025 година ќе има 250 милиони евра кои повторно сите заеднички констатиравме дека во буџетот не се предвидени толку пари, туку околу 100 милиони евра“, рече Бочварски.
Тој ја запраша министерката за финансии колку од тие први 70 милиони евра за општините за 2024 година до денеска се реализирани?
„Ова прашање го поставувам од причина што кога вие помпезно најавувавте 100 милиони евра за 2024 година, ние овде се обидувавме да ви укажеме дека тоа е манипулација и дека оваа календарска година речиси ништо нема да се реализира, бидејќи тоа практично е невозможно. Прашањето го поставувам со цел да се расчистат дилемите, а бројките кои ги имаме на хартија, добро е да знаеме колку реално се реализирани и сите овде кога дебатираме да располагаме со вистински точни аргументи пред граѓаните, бидејќи многу се зборува со бројки кои не секогаш се остваруваат така како што ги најавувате, рече пратеникот на СДСМ.