Бобан Мирковски - пијанист / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Бобан Мирковски: Имав многу голема желба да направам нешто ново со веќе познати македонски композиции

Бобан Мирковски е еден од нашите најуспешни пијанисти, кој во својата професионална музичка дејност има остварено многубројни концертни настапи во Македонија и странство и има освоено голем број домашни и меѓународни натпревари.

Тој гостуваше во „Утрински печат“ по повод неговиот концерт на 13 мај, во рамките на четвртото издание на „Скопски градски фестивал“. Таму ќе го промовира својот најнов музички проект со наслов „Албум“, кој содржи 12 врвни македонски композиции изведени на пијано.
Со Бобан зборувавме за неговите почетоци, патот кон професионалните концертни сцени и сѐ што е потребно за да се стигне до таму.

– Потекнувам од најголемото музичко семејство на Балканот, мојот татко е музичар, како и многу други членови на нашата фамилија, генерации пред нас, така што музиката ми е генетска предиспозиција. Почнав да се занимавам со музика од многу рана возраст, уште од мои пет години почнав да учам музика и едноставно целиот свој живот го правам тоа. Почнав дома на инструментите на татко ми, кои му требаа за компонирање, на неговиот синтисајзер и од таму ми се роди љубовта кон инструментот. На петгодишна возраст му кажав на татко ми дека сакам да бидам пијанист. Образованието го стекнав во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, во класата на професор Даница Стојанова. Факултет завршив на државниот Факултет за музичка уметност, под менторство на Симон Трпчевски, а постдипломските студии ги завршив на ФМУ во класата на визитинг -рофесор од Република Србија, Александар Сердар – вели Мирковски за своето образование како професионален пијанист.

За своите успешни настапи кај нас и во светот, Бобан вели дека, иако имал шанса да настапува на многу светски концертни сцени, сепак посебно драги му се домашните концерти, кога свири пред својата публика.

– Генерално оние рецитали во светот кои сите ги потенцираат како многу значајни, ќе ги одвојам и јас. Тука е настапот во Вашингтон пред десетина години, соло рециталот во Националниот театар во Малта итн. Меѓутоа, морам да признаам дека домашните настапи пред нашата публика некако ми се посебно драги. Сум настапувал и со мојот професор Симон Трпчески, кој е бренд сам по себе, и мене ми е многу драго што имав можност да учам од него. Се надевам дека ќе се продолжи она што тој го започна на нашата сцена. Предизвикот да се свири со него е огромен и се надевам дека во иднина ќе одиме по неговите стапки – вели Мирковски

Мирковски вели дека долги години имал желба да отсвири дел од најголемите македонски евергрини, и тоа го прави на својот нов албум, на кој има 12 врвни композиции, а ќе бидат изведени на концертот на 13 мај, во малата сала во Филхармонија.

– Ова ќе биде концертна промоција на мојот нов албум, кој излезе неодамна, на 7 април. Јас целиот свој живот сум растен со македонската музика, можеби поради тоа што татко ми ја компонирал, бил дел од целиот процес, а јас сум ја консумирал таа наша забавна музика. Во нашата држава имаме забавна музика, што е посебен жанр, тоа не е поп-музика, тоа е, буквално, наша автентична забавна музика, која остави голем траг кај многу генерации. Затоа ми беше многу голема желба да направам нешто ново со веќе познати композиции. Направивме нови аранжмани, специјално правени за оваа пригода, дел се мои, дел на мојот татко Љупчо Мирковски, дел на мојот тетин Дамир Имери, на кои сум им неизмерно благодарен за целата поддршка што ми ја даваат.

Повеќе од разговорот со Бобан Мирковски можете да погледнете на следниот линк:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!