Блерим Беџети/ Фото: Фејсбук

Блерим Беџети првпат слуша дека имало средба во вилата „Водно“ за враќање на Груевски

Пратеникот на ДУИ и поранешен градоначалник на Сарај, Блерим Беџети, тврди дека не располагал со информации, ниту поседувал снимки, според кои во претседателската сила на Водно лани во март се одржала средба меѓу претставници на тогашниот државен врв и на меѓународната заедница, на која се разговарало за враќање во земјава на поранешниот премиер Никола Груевски.

„Ниту некогаш до мене од страна на некој свиркач или вработен во кабинетот на Претседателот на државата е доставен било каков аудио или видео запис ниту пак сум добил некаква информација за било каква средба со политичари на која било разговарано враќање на Никола Груевски. Оттука не сум имал никаква информација или снимка која би можел некому да ја проследам. Како политичар согласен сум да бидам под лупата на јавноста и медиумите за мојата работа, да бидам критикуван до степен дури и на провокација, но нема да дозволам да ми се импутираат невистини и клевети дека сум поседувал и дистрибуирал на неовластено снимани комуникации кои сами по себе се кривично дело“, вели Беџети.

Претходно, „Фокус“ објави дека средбата се одржала лани во март, а на неа присуствувале Стево Пендаровски, Димитар Ковачевски, Али Ахмети, Бојан Маричиќ, Артан Груби, Бујар Османи, Анџела Агелер и Дејвид Гир. Притоа, Ахмети посочил дека Груевски може да се врати на два начина – преку помилување од претседателот или преку судовите. Всушност, ова бил најсензитивниот дел на средбата, кој бил пробиен од страна на „рамковно вработен административец“.

Додека траеле „тајните“ разговори, тој влегол во кабина на преведувач, успеал да го сними разговорот со телефон и на крајот снимката му ја предал на Беџети, кој тогаш е дел од „огнената група“ во ДУИ. На тој начин, содржината од аудиоснимката, претходно симната на хартија, завршува во раце на Христијан Мицкоски, бидејќи во тоа време „огнените“ се во конфликт со Груби, Османи, па и со Ахмети, објави „Фокус“.

Владејачката коалиција „Вреди“ вчера селективно објави дел од овие информации, обвинувајќи ги ДУИ, СДСМ и Пендаровски дека „планирале да го вратат теророт на Албанците – Груевски“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот