Дизајнот на плакатите е на Сашо Илковски од НТБ

Битолскиот театар со два плакати учествува на осмото Меѓународно биенале во Вараждин

Два плакати на Народен театар Битола се избрани во вкупна селекција од 50 најдобри плакати во официјалниот каталог на осмото издание на Биеналето на театарски плакати во Вараждин 2025 година.

Плакатите ќе бидат изложени во изложбениот салон на „Сермаж Палас ГМВ“ и Галерија „Златен ангел“ во Вараждин од 24 јануари до 16 февруари 2025 година. Зад дизајнот на плакатите стои Сашо Илковски од НТБ, кој досега има креирано околу 35 плакати.

– За плакатот на претставата „На дното“ креацијата дојде од разговор со режисерот, темата на претставата и искористените реквизити во самата претстава. Се совпадна со тоа што мојата сопруга работи во лабораторија за крв. Плакатот на 9. Шекспир фестивал требаше да биде изработен во стилот минимализам. Во боите на логото (црвено, сиво, црно) имав три решенија, а конечното го избравме заедно со НТБ – објаснува Сашо Илковски.

Со неговите плакати креативноста и посветеноста кон визуелната уметност на Народниот театар Битола повторно се истакнуваат на меѓународно ниво. Во 2009 година, Хрватскиот народен театар во Вараждин го промовираше Биеналето на театарски плакати, кое редовно се одржуваше до 2021 година. Биеналето имаше регионален карактер, а покрај хрватските театри беа застапени и театри/автори од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Словенија и Србија.

Досега на изложбите имало околу стотина избрани плакати, а заедно со изложбата, испечатен е и репрезентативен каталог во кој се застапени сите театри кои испратиле плакати. Поради реновирање на внатрешноста на Театарот, осмото издание на Биеналето се организира оваа година во соорганизација на Хрватскиот народен театар во Вараждин, Градскиот музеј Вараждин и галеријата „Златен ангел“, под покровителство на градот Вараждин, кој доделува парични награди на авторите за најдобрите први три плакати. Со цел да се зачува континуитетот, изложбата ќе содржи плакати креирани од последното одржано Биенале до крајот на театарската сезона 2023/24.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот