Битка за стотката

Никола Тодоров. / Фото: Архива на Слободен печат

СДСМ нема шанси да ги поврати своите изгубени 100.000 гласа, што ги загуби уште пред претходните претседателски избори, па затоа ќе се фокусира како ВМРО-ДПМНЕ да не ги земе своите 100.000 загубени гласа, или барем најголем дел од нив. Трикот со 8 мај како ден на избори веројатно им е дел од оваа тактика. ДУИ ги има своите 100.000 гласа, а сега се бори, преку предизборни коалиции, да земе што е можно повеќе.

Како човек што долго време се занимавал со политика и со кампањи, ќе си дозволам да дадам една своја анализа за овие двојни избори во почетокот на стоте дена преодна, пржинска влада. Знаете, овие избори, како и сите претходни избори се – „најважните”. Од овие избори зависи дали државата ќе опстои или не, дали ќе пропадне или ќе преживее итн. Секако, на сите ни е јасно дека овие избори, како и сите претходни се од ваква исклучителна важност, само за раководствата на партите. Државава, ваква-таква, ќе си тера, подобро или полошо, во зависност од тоа кој ќе ја управува.
Како и секогаш и во многу други ситуации, основата на овие панични тврдења е личниот страв на функционерите, кои обземени од долготрајната моќ, заборавиле како е да бидат обични граѓани, па често самите на себеси го поставуваат прашањето: што ќе правам, откако нема да бидам во политиката? Еве ќе ви одговорам: ќе си работите и ќе живеете како сите други. Ќе си чекате за пасош, ќе чекате на паркинг, ќе си платите казна за сообраќаен прекршок, ќе си платите телефон, бензин, сметка во кафеана, ќе си чекате по шалтери и болници, ќе си чекате на семафор.
Ви личи незамисливо можеби, ама вака живее секој еден што ви ја дал моќта да не чекате, да имате предност на шалтер и во сообраќај, да имате дипломатски пасош и друг да ви ја плаќа сметката за телефон. Ви личи сето ова страшно, а? Да ви кажам, страшно е за оние што се неспособни за работа, затоа што оној што бил на висока државна позиција, откако си заминал од политика, ако не работи и не создава, јасно е дека или бил крадец, па се „нафатирал“ додека можел, или е целосно неспособен и грешка било што имал некаква одговорна државна функција.

 Изборни калкулации

Сега малку околу изборните калкулации. Најголемата грешка што сите аналитичари и политичари ја прават е што во овој момент се концентрирани на парламентарните избори. За мене во овој момент тие сè уште не се во центарот на вниманието. Ова не значи дека не треба на нив да се мисли и да се прават подготовки, но она што е клучно е првиот круг на претседателски избори. Ова од следната едноставна причина – кој ќе води во првиот круг на претседателски избори, има огромна шанса потоа и да прави влада. Обратно, партијата што ќе губи во првиот круг, ќе има огромен проблем да ги мотивира своите членови и поддржувачи да сработат и да го „покријат“ теренот помеѓу првиот и вториот круг, односно за парламентарните избори. А во политиката победува оној кој има подобра програма, кој знае подобро таа програма да ја комуницира со јавноста и, најважно, оној кој има поголем број и повеќе мотивирани луѓе на терен.
На овие избори четири политички чинители ќе ги бркаат своите 100.000 гласа. ВМРО-ДПМНЕ долго време е со ист број гласови, кој во неколку изборни циклуси се движи околу 330.000 гласа. Овој број гласови не е доволен за ВМРО-ДПМНЕ да води во првиот круг на претседателски избори, доколку СДСМ, ДУИ и евентуално Алијанса одат со заеднички кандидат, па затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да се обиде да ги врати своите, одамна загубени 100.000 гласа и да се врати на бројка од над 430.000 гласа. Доколку ВМРО-ДПМНЕ успее во ова и си ги поврати загубените 100.000 гласа, владејачките партии дури и Меси и Роналдо да ги кандидираат, ќе губат во првиот круг на претседателски избори.
Според мене, антивладиното расположение оди во прилог на оваа можност. Сепак, мислам дека беше грешка што ВМРО го прифати 8 мај за ден на избори, од причина што неработни се 1 мај, 3 мај, 6 мај и 8 мај, па доколку земеш 4 слободни дена од одмор може да споиш 12 неработни дена, што е фактички цел одмор. Дополнително, ова се поклопува со за првпат организираниот пролетен распуст за учениците од 29 април до 6 мај, што значи дека многу семејства ќе го искористат ова како мини-одмор. Ова не оди во прилог на оние што очекуваат народот масовно да ја казни владејачката коалиција.

Проблемот на ВМРО-ДПМНЕ со Левица

СДСМ нема шанси да ги поврати своите изгубени 100.000 гласа, што ги загуби уште пред претходните претседателски избори, па затоа ќе се фокусира како ВМРО-ДПМНЕ да не ги земе своите 100.000 загубени гласа, или барем најголем дел од нив. Трикот со 8 мај како ден на избори веројатно им е дел од оваа тактика. Претпоставка ми е дека СДСМ, дополнително, ќе се обиде со силна негативна кампања да „докаже“ дека сите се исти или барем дека во „ВМРО-ДПМНЕ не се поарни“. ВМРО-ДПМНЕ мора да има одговор на ова.
ДУИ ги има своите 100.000 гласа, а сега се бори, преку предизборни коалиции да земе што е можно повеќе од 100-те илјади гласови што остануваат во т.н. албански политички кампус. Мислам дека ДУИ е посилна од било кога и во голема мера ќе успее да го „однесе чаламот“ на албанската опозиција.
Левица ќе се обиде за првпат да ги освои своите 100.000 гласа. Претпоставка ми е дека од овие причини ќе оди со свој претседателски кандидат, со цел приближувањето до „стотката“ во првиот круг од претседателски избори да ѝ ја донесе „стотката“ на парламентарните избори. Ова е голем проблем за СДСМ во Скопје, а за ВМРО-ДПМНЕ во третата, четвртата и во петтата изборна единица. Ова е проблем за ВМРО-ДПМНЕ и во поглед на евентуална поддршка на гласачите на Левица на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг претседателски избори, зашто ќе биде исклучително тешко Левица да го поддржи „вмровскиот кандидат“ во вториот круг, а истовремено да се бори против ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори, од причина што во голема мера реториката на партиите ќе се преклопува исто како и таргет групите на кои ќе се обраќаат.
Во битката за стотката, ВМРО-ДПМНЕ мора да успее да ги земе своите 100.000 гласа уште во првиот круг на претседателски избори за да не дојде во позиција по првиот круг да „седне во скутот“ на Левица, туку напротив да ја направи позицијата на Левица неважна.

Преземено од Дојче Веле

(Авторот е политичар и правник )

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот