памук
Поле со памук, Фото: Profimedia

Билјана кинеско платно белеше – кај нас не се сади памук, а трошиме 50 милиони долари за увоз

Се памети дека берба на белите пувки некогаш се одвивала и на 30 илјади хектари и тоа особено во југоисточниот дел на земјата, а сега Македонија и други 13 земји се меѓу единствените во светот во кои не се произведува памук, покажува статистиката на Биг Атлас за светското производство на оваа индустриска гранка

Во Македонија со децении веќе не се одгледува памук, а последен пат кога ова индустриско растение било запишано во државните регистри е во 1997 година, кога биле засеани само 6 хектари. Од таа површина се ожнеале 8 тони суров памук. Текстилците коментираат дека од ова количество можеле да се изработат неколку десетици чаршафи. Се памети дека берба на белите пувки некогаш се одвивала и на 30 илјади хектари и тоа особено во југоисточниот дел на земјата, а сега Македонија и други 13 земји се меѓу единствените во светот во кои не се произведува памук, покажува статистиката на Биг Атлас за светското производство на оваа индустриска гранка.

Од друга страна, базата на податоци на ОН Комтрејд за меѓународна трговија прецизира дека лани за увоз на памук сме потрошиле речиси 50 милиони долари, а најголемиот дел од памучната преѓа, потребна за домашната текстилна индустрија дошол од Кина (60 отсто). Памучна преѓа увезуваме и од Турција, Германија, Чешката Република, Франција и Велика Британија. Памукот е индустриска култура што е барана на глобалниот пазар и чија цена континуирано расте.

Производството на памук е важно за развојот на текстилната и маслодајната индустрија. Од неговото семе се прави квалитетно масло за човечка исхрана, а коспето се користи за сточна исхрана. Експертите се согласни дека домашно производство на памук би било одличен потег за конкурентноста на текстилната индустрија, но за тоа е потребно време и евентуално рестартирање на поранешните предилници.
Во 2012 година Александар Патраклиски, сопственик на текстилната фабрика „ЕАМ“ од Штип, ја засади оваа култура на 15 хектари, првенствено за сопствени потреби, но и со амбиција во Штип да се врати базното производство. Тој пред некое време за „Слободен печат“, рече дека на овој потег се решил бидејќи памукот бил главна суровина во неговата фабрика.

– Цената на памукот во последниве години драстично се зголеми, а исто така има и голем недостиг на светско ниво. Меѓутоа, проектот сега мирува, бидејќи беше практично невозможно целосно да му се посветам – ни рече Патраклиски.

Обидот за повторно заживување на оваа култура не можел да продолжи да се развива без поддршка од државата и, за жал, престанал.
Памукот е берзански производ, а во зависност од квалитетот, потеклото и неговите карактеристики, сега се продава и до 62 центи за фунта. Памукот се сади во мај, а се бере по 1 октомври. Инаку, големите поплави во Пенџаб (Пакистан, Индија) ги оштетија полињата со памук, заедно со оризот басмати и други култури. Ова предизвика стравувања од намалени приноси и со тоа го ограничи локалното снабдување, објави Ројтерс. Во исто време, Индија привремено ги откажа увозните давачки за суров памук до крајот на септември 2025 година.

Се очекува оваа политика да ја зголеми понудата на увоз, што би можело да ги намали цените на домашните производи на памук, што се смета потенцијално штетно за одгледувачите. Пазарот на памук се проценува на 43,96 милијарди долари во 2024 година и се очекува да достигне 50,22 милијарди долари до 2029 година.
Памучната историја во земјава почнала да се пишува по Втората светска војна. Во 1948 година имало 16.000 хектари со памук, но со годините потоа производството се намалило. Памукот како индустриска култура важна за текстилната индустрија, трајно исчезна од македонските ниви во 80-тите години од минатиот век. Од друга страна, соседна Грција е најголем производител во ЕУ.

Со климатските промени, последниве години во светот се актуелизира садењето на памукот, како растение отпорно на суша и можност за ненаводнуваните области. На пример, земјоделците од членките на ЕУ, покрај другите домицилни субвенции, добиваат и 75 евра по хектар, со плафон до 33 илјади хектари, каков што е случајот во соседна Бугарија.

 Музеј на текстилството во Штип, зошто да не?

Активистите од организацијата „Гласен текстилец“, во пресрет на деветтото издание на манифестацијата „Текстилијада“, упатија повик до штипјани што имаат стари предмети поврзани со текстилната индустрија – шивачки машини, книги, материјали, игли, фотографии, облека, алати и други значајни предмети, да учествуваат во визуелната изложба во рамките на манифестацијата што ќе се одржи на 3 и 4 октомври.

Изложбата ќе биде поставена во текот на „Текстилијадата“, која организаторите веруваат дека може да им биде предизвик за институциите, но и за јавните личности, вклучително и за бизнисмените од текстилната индустрија, за отворање музеј.

– Идејата за изложбата се роди по студиската посета во Шведска, каде што петнаесетина луѓе од различни институции, во организација на „Гласен текстилец“ видоа како функционира секторот, но и грижата за својата историја и културното наследство – рече Кристина Ампева, претседателка на „Гласен текстилец“.

По штипските подруми сѐ уште можат да се најдат стари шивачки машини од 50-тите и 60-тите години на 20 век, но и такви како тие од марката „Багат“, особено вреднувани во време кога Македонија беше дел од Југославија. Некогашните текстилни гиганти –„Македонка“ и „Астибо“, вработуваа повеќе од 7.500 работници, објави Локал актив од Штип.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот