
Бил Козби е виновен: Ќе мора да исплати 500.000 долари за сексуално злоставување
Поротата во Лос Анџелес го прогласи комичарот Бил Козби за виновен во случајот поднесен од Џуди Хат, жената која тврдеше дека тој сексуално ја нападнал како тинејџерка во 1970-тите, пренесува „Си-Ен-Ен“.
Препорачано
Имено, поротата била составена од осум жени и четворица мажи и истата донела одлука дека актерот мора да ѝ исплати на Хат отштета од 500.000 долари, но не е одредена „казнена компензација“.
Жртвата првпат го покрена случајот во 2014 година, поради сексуално злоставување и намерно и невнимателно нанесување емоционален стрес. Првично беше наведено дека инцидентот се случил во 1974 година, кога Хат имала 15 години, но подоцна испадна дека се настанот се случил во 1975 година.

Козби ги отфрли сите обвинувања за сексуално злоставување. Хат рече дека го запознала Козби во парк каде што тој снимал филмот. Козби наводно ги поканил Хат и една нејзина пријателка да му се придружат во неговиот тениски клуб.
Оттаму, тврди Хат, комичарот ги поканил во куќата каде на младите девојки им служел повеќе алкохолни пијалоци, а потоа ги однел во вилата Плејбој. Хат тврди дека Козби, иако знаел колку години имаат, им рекол дека ако некоја од зајачиците на Плејбој ги праша за нивната возраст, да кажат дека имаат 19 години. Козби потоа ја однел во спалната соба во вилата каде сексуално ја злоставувал.
„Воодушевена сум. Поминаа толку многу години, толку многу солзи“, рече Џуди Хат во краткото обраќање пред новинарите по пресудата.

Од друга страна, портпаролот на Козби, Ендрју Вајат, оцени дека тоа што се случило не е победа бидејќи не добиле „казнена отштета“, наведувајќи дека Козби е задоволен од пресудата. Козби не бил присутен за време на судењето и изрекувањето на пресудата, а неговиот тим најави дека ќе поднесе жалба.
Од 2005 година, повеќе од 50 жени го обвинија Козби за сексуално злоставување. Откако беше осуден за напад на Андреа Констанд во Филаделфија, Козби отслужи нешто помалку од три години затвор во Пенсилванија пред неговата пресуда да биде поништена по жалба. Тој беше ослободен од затвор во септември 2021 година.