Безживотното тело на малата Сили пронајдено во шума, уапсен партнерот на нејзината мајка

Телото на шестгодишното девојче кое исчезна во близина на Руан, Франција, беше пронајдено во текот на ноќта, неколку часа откако беше активиран полицискиот систем за предупредување за киднапирање.

Мајката на девојчето се јавила во полиција во петокот околу 18 часот и пријавила дека нејзиниот партнер ја нападнал со нож.

Рекла дека успеала да побегне од куќата, но дека нејзиниот партнер, кој не е татко на девојчето, останал внатре со детето.

Кога полицијата пристигнала на местото на настанот, куќата била празна. Тогаш беше активиран системот за предупредување за киднапирање и беа мобилизирани повеќе од стотина припадници на жандармеријата и другите полициски оддели, како и кучиња трагачи и хеликоптер.

Локален жител, кој видел информации за киднапирањето, нешто по 22 часот го пронашол автомобилот на киднаперот. Полицијата го пронашла телото на детето во шума во близина на возилото на осомничениот.

Рано утринава околу еден часот по полноќ, Министерството за правда на својот профил на социјалната мрежа „Х“ објави укинување на системот за предупредување за киднапирање и сподели информација дека е пронајдено телото на детето.

Осомничениот, по кој полицијата активно трагаше, утрово е уапсен.

Полицијата го пронашла и привела осомничениот околу 6 часот во близина на местото каде што бил откриен неговиот автомобил во шума, соопшти полицијата.

Во потрагата по осомничениот, кој беше во бегство, беа ангажирани значителни полициски сили“, се наведува во соопштение на обвинителството.

Обвинителот ги повика мештаните да бидат внимателни и посочи дека секој може да помогне во текот на истрагата или апсењето.

Иако нема пријави за семејно насилство, извор близок до истрагата наведува дека осомничениот од претходно им бил познат на правосудните органи поради неговото проблематично однесување.

Мајката на девојчето, која беше жртва на првиот напад, моментално е хоспитализирана, но нејзиниот живот не е во опасност, соопшти обвинителството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот