
Безвизниот режим меѓу Северна Македонија и Казахстан е во рацете на Скопје
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски идната недела во Казахстан ќе ја поддржува македонската фудбалска репрезентација во квалификациски натпревар за Европско првенство, а веројатно ќе разговара и за прашања што ги засегаат двете земји.
Во последните години има многу позитивен тренд во развојот на односите меѓу Казахстан и Северна Македонија. Двете земји отворија амбасади, а веќе имавме размена на посети на министри за надворешни работи, вели за „Слободен печат“ заменикот министер за надворешни работи на Казахстан Роман Василенко.
Препорачано
Сепак, според него, односите можат да се надградуваат и да напредуваат особено во областа на трговијата и инвестиции во минерални ресурси во Македонија, а може да се споделат искуства и во промоција на туризмот.
– Кога утрово се збогувавме со претседателката Сиљановска-Давкова, дискутиравме дека туризмот е едно подрачје каде што нашите земји се соочуваат со слични предизвици. И двете земји се копнени држави, а туризмот на кој можеме да се надеваме е специфичен. Не станува збор за плажи и океани, туку за рурални заедници, еден многу невообичаен тип туризам, било здравствен туризам или рурален туризам и тука мислам дека можеме да споделиме искуства и да ги унапредиме нашите односи – ни изјави Василенко.
Но, за развојот на туризмот проблем се визите. Како што објаснува Василенко, во минатото имаше решение кога Македонија понудила безвизен режим и тој се надева дека тоа ќе продолжи и дека безвизниот режим повторно ќе се воспостави.
– Им предложивме на нашите пријатели од Северна Македонија да потпишеме договор за безвизно патување со Казахстан, каков што како што потпишавме со Албанија. Албанија исто така е кандидат за членство во Европската Унија, па сепак потпишавме договор со нив за безвизно патување. Така што сега е во рацете на нашите добри пријатели во Скопје – вели Василенко.
Претходно тој говореше за придобивките од безвизниот режим со Црна Гора, која станува сè поатрактивна туристичка дестинација за Казахстан, благодарение токму на безвизниот режим што претходно бил за три месеци во летниот период, а сега се продолжува на шест месеци. Па, така, во лето се организираат по три лета неделно од Астана до Подгорица и три од Алмати до Подгорица.
Разговорите за меѓусебната соработка се очекува да се интензивираат кога Македонија ќе испрати амбасадор во Астана, со оглед дека нашата амбасада во Казахстан е меѓу многуте испразнето амбасади што функционираат со вршител на должност. Василенко се надева дека „пријателите во Скопје наскоро ќе го решат тоа прашање“ и додава дека веројатно на новата Влада ѝ било потребно подолго време за да донесе одлуки.
За сите овие прашања двете страни веројатно ќе имаат можност да разговараат за една недела кога во Астана ќе допатува министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски за да ја поддржи македонската фудбалска репрезентација на квалификацискиот натпревар за Европското првенство со Казахстан.
Инаку, на Астана меѓународниот форум, кој годинава се одржува под мотото „Поврзување на умови, обликување на иднината“ и од кој се пратија пораки за глобален одговор на глобалните предизвици и глобалната несигурност што му се заканува на мирот и напредокот, Македонија беше меѓу најприсутните. Освен претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, со свои делегации овде се министерката за енергетика Сања Божиновска и министерот за економија Бесар Дурмиши, како и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.