
Без сала за венчавки, за „изнајмување“ матичар се троши и повеќе од 300 евра
Доколку сакаат да поминат поевтино, младите двојки мора да се задоволат со тоа првите моменти од заедничкиот живот да ги почнат во тесно собиче во Управата за водење матични книги, веднаш до канцеларијата каде што се закажува склучување брак или во некоја канцеларија во подрачните единици на Управата низ општините.
Скопје со години нема свечена сала за склучување граѓански брак, откако пред десетина години се затвори руинираната сала сместена во една од бараките во Општина Центар, односно старото матично. Објектот потоа беше целосно реконструиран и претворен во Младински центар, а скопјани останаа без место каде што може да се венчаваат.
Препорачано
Во наредните години многу млади двојки рекоа „да“ во салата во Порта Македонија или во свечената сала на Музејот на македонска борба, во зависност од тоа која сала им беше на располагање во тој период. Сега веќе доколку младите сакаат да се венчаваат во некоја од овие две сали, мора да го платат просторот и да изнајмат матичар.
Доколку сакаат да поминат поевтино тогаш ќе мора да се задоволат со тоа првите моменти од заедничкиот живот да ги почнат во тесно собиче во Управата за водење матични книги, веднаш до канцеларијата каде што се закажува за склучување брак или во некоја канцеларија во подрачните единици на Управата низ општините.
Неодамна бев сведок на венчавка на моја пријателка. Склучувањето брак се случи во една малечка просторија веднаш до канцеларијата каде што се закажува за венчавки, каде што буквално, освен младенците, собира уште двајцата сведоци и толку. На тој убав, свечен чин, не можат дури ни родителите да присуствуваат затоа што нема место да влезат во просторијата – вели Марија од Скопје.
Повеќето скопски општини каде Управата има подрачни единици немаат сали за венчавки, а во Ѓорче Петров на пример, објектот е толку руиниран што под секое достоинство е некој во него да склучи брак.
И од Општина Карпош велат дека немаат сала за венчавки, а во Аеродром нема ниту подрачно матично одделение.
Во Општина Аеродром нема подрачно одделение, односно простории на Управата за водење на матичните книги каде што може да се склучи брак, поради што граѓаните можат да се обратат до подрачните одделенија во општините каде што има вакви простории – посочија од Аеродром.
Во меѓувреме, младите се снаоѓаат па се венчаваат во рестораните каде прават свадба, за склучувањето на бракот да им биде во свечена атмосфера како што му доликува на еден таков чин со кој започнува заедничкиот живот. Но, доаѓањето на матичар во рестораните мора да се плати. Цената се разликува во зависност од „километражата“ и од денот во кој се стапува во брак.
Според тарифникот за склучување брак надвор од службените простории на Управата за водење матични книги, доколку матичарот се повика во работен ден и во работно време во ресторан или друга локација до 10 километри оддалеченост ќе треба да се плати 4765 денари. Во работни денови по 16.30 часот на иста оддалеченост услугата на матичарот чини 5242 денари, додека во неработни денови, значи во сабота, недела и на државни празници до 10 километри далечина цената е речиси двојно повисока, односно 10.484 денари. Ако свадбата и венчавката се прават на локација која е подалеку од 10 километри сите наведени цени се повисоки за 100 проценти.
Но, од Управата ветуваат дека годинава овој проблем ќе се надмине и дека на младите двојки на располагање ќе им биде свечената сала во Порта Македонија во која ќе можат достоинствено да склучат брак во присуство на своите најблиски.
Директорот на УВМК, Фатон Фазлиу, во интервју за емисијата „Слободен печат“ вели дека решавањето на ова прашање му бил еден од приоритетите по доаѓањето на функција.
Во комуникација сме со Министерство за култура, поточно со министерот Зоран Љутков и веќе имаме решение каде ќе биде новата сала за венчавање, тоа ќе биде во Порта Македонија. Но поради законските обврски, јавноста треба да знае дека ние сме во процес на трансформација од Министерство за правда во Министерството за дигитална трансформација и тоа си бара законски рокови за да се случи целата трансформација, за потоа ние да можеме да потпишеме меморандум за соработка со Министерството за култура и да го изнајмиме тој простор што ќе биде во служба на граѓаните. Се надевам дека тоа ќе биде до март веќе готово – вели Фазлиу.
Досега, како што нагласи, венчавките се одвиваат главно во еден мал простор во главната канцеларија во Центар, кој не е соодветен за таа намена и затоа се бара друго решение.
Можноста за изнајмување матичар и натаму ќе остане отворена за младите, а цените за изнајмување матичар засега нема да се менуваат.
Изнајмувањето матичар секако ќе остане опција и за понатаму, тоа зависи од младенците. Во сите институции сите тарифници се веќе зголемени или покачени. Во нашата Управа цените на сите услуги, барем засега, ќе останат исти – рече, меѓу другото, директорот Фазлиу.