Народ, луѓе на ул. Македонија / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

Без континуиран економски раст од 5 проценти ништо не правиме

Ова е посакуван процент на раст за сите партии, па и за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ, на хартија добро елабориран, во практика тешко остварлив. За да достигнеме стапка од економски раст од 5 проценти и во континуитет да ја одржуваме, ни треба диверзификација на увозот и на извозот, одлучна борба со сивата економија, владеење на правото, предвидливост на политиките, регулатива – вели професорот Борче Треновски.

Економските показатели укажуваат на позитивни вести. Македонската економија се раздвижува, економскиот раст во вториот квартал е 3,4 проценти во однос на истиот квартал од минатата година, а во претходниот квартал растот на годишно ниво беше 3 проценти. Веќе четврти квартал македонската економија бележи раст над 3 проценти. Но, дали е тоа доволно? Одговорот одамна го даваат и економистите и стопанствениците, па и политичарите, а тој укажува на неопходност од континуиран економски раст од 5 проценти за да се почувствува и во општеството и во животот на граѓаните, а и да се намали малку јазот со поразвиените земји од нас.

Универзитетскиот професор Борче Треновски вели дека најважен е континуитетот на економскиот раст од 5 проценти.

– Долго време зборуваме за остварување стапка на раст од 5 проценти, меѓутоа вистинското прашање е како да имаме одржлива стапката од 5 проценти раст на бруто-домашниот производ. Одржливите стапки се оние што на долг рок влијаат врз зголемувањето на стандардот, ги подобруваат условите за живот. Затоа треба да се фокусираме на тоа кои се предусловите за да се оствари стапка на раст од 5 или повеќе проценти, што многу ретко се случило во минатото -изјави за „Слободен печат“ Треновски.

За континуиран економски раст, Треновски вели дека најпрво треба да тргнеме од тоа дека сме мала и отворена економија, увозно зависна.

– Нашата стапка е директно поврзана со бруто-домашниот производ на нашите најголеми странски директни инвеститори и трговски партнери. Да можеме да станеме отпорни на околината треба да создадеме економија која има структурна сила. Најпрво треба да направиме диверзификација на извозот и на увозот, кој е силно концентриран во неколку земји и од друга страна, колку што е можно да ја намалиме увозната зависност со домашно производство. Ова е прв предуслов, на кој делумно може да влијаеме. Второ, неформалната економија е една третина од нашата економија, таа е надвор од бруто-домашниот производ и за неа не се плаќаат давачки, а создава и негативно бизнис опкружување. Таа неформална економија, претпоставките се дека е еден голем резервоар што може за една третина да ја зголеми стапката на раст, односно ако имаме стапка од 3 проценти би била 4 проценти. Стапката на раст е поврзана и со институциите, со владеењето на правото. За да имате добра бизнис-околина, за да може ефикасно да функционираат и компаниите и јавниот сектор, мора да има силни институции. Институциите, владеењето на правото, предвидливоста на политиките, легислативата и така натаму е огромна основа што на среден рок би можела уште толку да ја зголеми стапката на раст. Исто така, значајно е и имплементирањето на големите капитални проекти, кои сè уште каскаат – и во дел на нивна приоритетизација, и во дел на планирање, реализација, па и мониторинг. Ако навистина се добро направени и ефикасно имплементирани, тие се предуслов за нашата стапка на раст да остане одржлива – објаснува професорот.

Стопанската комора на Северна Македонија во фокусот на своите активности уште минатата година го стави економскиот раст над 5 проценти. По средбата меѓу Комората и „Македонија 2025“, извршната директорка на невладината меѓународна организација Никица Мојсовска Блажевски потенцираше дека со стапки под 5 проценти „нема далеку да отидеме“.

– Сите се согласуваме дека ставки на економски раст под 5 проценти нема да нè однесат до посакуваната дестинација. Значи, заедно треба сите да работиме за да постигнеме економски раст над 5 отсто и што е можно побрзо да го зголемиме животниот стандард. Така ќе привлечеме, се надевам, и наши од дијаспората да се вратат тука да живеат, да работат, да инвестираат, меѓутоа исто така и сите ние да живееме подобро и да имаме подобар квалитет на животот – изјави Мојсовска Блажевски.

Иако со летниот ребаланс Буџетот за 2025 година се зголеми за 1 отсто и на приходната и на расходната страна, стапката на економски раст остана непроменета од 3,7 отсто, како што беше и во основниот буџет.

– Очекувам до крајот на годината да имаме и квартал кога ќе ја пробиеме границата од над 4 проценти, со што уште еднаш ќе ги демантираме конструкциите и лагите на опозициските партии дека на економијата не ѝ одело добро – изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Во изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ со која настапи на изборите што ѝ донесоа победа економскиот раст е еден од приоритетите. Според Платформата #1198, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во периодот од 2024 до 2028 година ќе создаде предуслови за нов циклус на економски раст.

„Тој ќе се заснова врз главниот принцип на економската програма на ВМРО-ДПМНЕ т.е. поттикнување на економската слобода на инвеститорите преку креирање фер услови за сите стопански субјекти. Реализацијата на висок износ на јавни капитални инвестиции, посилна и финансиски поддржана инвестициска активност на домашните производни компании, влезот на странски компании и стабилизација на надворешното окружување ќе бидат основни двигатели на економскиот раст. Доколку не се случат непредвидени политички и економски нарушувања на глобално и регионално ниво, постојат услови во периодот 2024-2028 растот на БДП да се движи од 3 до 5 проценти“, пишува во Платформата, каде што е прецизирано и дека предвидениот реален економскиот раст во 2025 година е 4 проценти, или 0,3 процентни поени или 0,3 процентни поени повеќе отколку буџетските проекции за годинава.

И на претходната влада, на хартија приоритет ѝ беше економски раст од 5 проценти. Таа го стокми Планот за економски раст 2022-2026 година, а тогашниот премиер Зоран Заев порача: „Планот за забрзан економски раст е продолжение на успешните политики за достигнување раст на БДП над 5 проценти, 12 милијарди евра инвестиции и 156.000 нови работни места“.

„Фајненс тинк“: Растот забрзува, но не создава нови работни места

Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ поентира: „Растот во вториот квартал благо забрза, но не создаде нови работни места“.
„Невработеноста во вториот квартал од 2025 понатамошно благо се намали на 11,5 проценти (од 11,7). Но, во овој квартал се намали и активноста на населението (52,2 проценти од 52,4), како резултат на што се намали вработеноста на 46,2 од 46,3 проценти. Овие движења упатуваат на зголемување на воздржаноста на пазарот на труд. Сепак, губењето 1.000 работни места во нето-износ во однос на претходниот квартал е секторски хетерогено. Најмногу работни места се изгубени во ИТ-секторот (над 4 илјади, поради глобални секторски трендови) и јавната администрација (над 3 илјади), а креирани се работни места во градежништвото (над 4 илјади), хотели и ресторани (близу 4 илјади) и земјоделството (над 3 илјади), односно секторите со солиден реален раст на додадената вредност“, анализира „Фајненс тинк“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот