
Бесплатна градинка во Центар и во Гази Баба за деца Роми од ранливи семејства
Како дел од проектот „Инклузија на деца Роми во јавните општински установи – детски градинки“ градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и директорката на детската градинка „Раде Јовчевски – Корчагин“ Елена Устамитова, ги потпишаа новите договори за соработка за учебната 2024/2025 година. Според договорот во оваа градинка, годинава бесплатно ќе бидат згрижени 20 дечиња од ромска националност, кои доаѓаат од згрижувачки семејства или се приматели на социјална помош на возраст од 3 до 6 години.
Препорачано
Интеграцијата на децата Роми во воспитно-образовниот процес со сите други деца е важно за создавање инклузивно општество. Кога децата растат заедно, тие учат за солидарност, толеранција и меѓусебно прифаќање – вредности што во иднина треба ги изградат во подобри личности. Децата заслужуваат без никакви пречки да го развиваат својот потенцијал, а денешниот потпишан договор е потврда за заложбата и посветеноста за инклузивност и добросостојба на децата од ранливите групи – рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Проектот се спроведува од 2011 година со поддршка од Министерството за социјална политика, демографија и млади. Месечниот трошок за посетување на градинката, според договорот, го покрива Општина Центар.
Договор за поддршка на проектот „Инклузија на деца Роми во јавните општински установи – детски градинки“ потпиша и градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
Општина Гази Баба инклузијата на дечињата Роми ја спроведува во клоновите на ЈУДГ „25 Мај“, а родителите на тие дечиња се ослободени од плаќање надоместок за престој на нивните деца во детската градинка. Секое дете е важно и токму затоа Општина Гази Баба се приклучи на овој проект, со цел инклузија на тие дечиња во воспитниот процес уште од најмали нозе, а потоа тоа да продолжи и низ образовниот процес – истакна Стефковски.