Муцунски и неговата германска колешка, Аналена Бербок / Фото: Министерство за надворешни работи

Бербок: Не станува збор за неправда кон Северна Македонија, последен чекор се уставните измени

Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок смета дека уставните измени се клучен чекор за почеток на преговорите на Македонија со Европската Унија. По средбата со нејзиниот колега, македонскиот министер Тимчо Муцунски во Берлин, таа порача дека последниот чекор за отворање на првиот преговарачки кластер е додавање на Бугарите во Уставот.

– Знаеме колку е тешко да се направат уставни измени во демократиите и тоа го барав и при мојата последна посета на Северна Македонија. Но, тогаш беше во тек изборна кампања и разбрав дека тогаш овој чекор не беше можен. Сега има избори во Бугарија, и потоа има шанса која треба заеднички да се искористи – изјави германската министерка.

Таа смета дека ЕУ одлучува едногласно и не станува збор за неправда врз Македонија.

– Правилата во ЕУ се такви, се одлучува едногласно, и тука не се работи за некаква неправда. Ние не се согласуваме со нашите европски партнери во сè, но такви се правилата. Сè додека тие правила не се сменат, за што јас лично се залагам, тие треба да се почитуваат – заклучи Бербок.

Ова беше прва официјална средба на двајцата министри откако Муцунски ја презеде функцијата.

Како што соопштија од МНР, во фокусот на разговорите на средбата биле одличните политички и економски односи помеѓу двете земји и цврстото партнерство во изминатите 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, поддршката на Германија на нашиот евроинтегративен пат, како и други актуелни теми од регионален и европски безбедносен аспект.

Муцунски изразил убедување дека деблокадата на евроинтегративниот процес преку одржување на втората меѓувладина конференција и итен почеток на преговорите не само што ќе ја зајакне европската реформска агенда во регионот, туку ќе го направи и многу поотпорен на влијанијата од трети земји. Притоа тој нагласил дека деблокирањето на нашиот евроинтеграциски процес е прашање од стратешки и безбедносен интерес, како за регионот, така и за постојаните заложби на ЕУ.

Бербок, пак, истакнала дека само обединета Европска Унија која нема да биде блокирана од поединечни земји членки, може во кризни времиња целата своја тежина да ја стави на вагата на глобалната политика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот