
Белгијците може да ја стопат статуата на кралот Леополд Втори во срцето на Брисел во спомен на жртвите на колонијализмот
Бронзената статуа на белгискиот крал Леополд Втори од 19-тиот век која се наоѓа во центарот на Брисел би можела да биде стопена, во спомен на милионите кои умреле за време на неговото брутално владеење во Конго, како и останатите жртви на колонијализмот, пишува Гардијан.
Препорачано
Групата историчари, архитекти и слични експерти, предводени од регионалната влада на Брисел, предложија и втора опција за бронзата од таа статуа: да се изгради парк со споменици каде ќе бидат сместени сите такви контроверзни статуи од колонијалистите низ минатото.
Двете сценарија беа поднесени во извештајот за „деколонизација“ на јавниот простор на Брисел од 256 страни, кој беше доставен од страна на главниот град по протестите за расна еднаквост во 2020-та година.
Статуата на Леополд Втори, блиску до Кралската палата, беше главна мета на демонстрантите за време на најголемите демонстрации против расизмот во Брисел.
Бруталното владеење на Леополд Втори во Конго
Брисел има голем број споменици и улици именувани по луѓето кои ја граделе белгиската империја во 19-тиот век, земајќи под контрола неколку африкански земји. Кралот Леополд Втори управувал со Конго како негов личен феуд од 1885 до 1908 година, кога милиони луѓе умреле од бруталното владеење, во главно од глад и разни болести.
Белгиската држава го презела Конго од 1908 до 1960 година, добивајќи колонии во денешна Руанда и Бурунди од Германија по Првата светска војна.
Колонијалното наследство на Белгија, вклучително и насилството врз африканското население, кражбата на природни ресурси и анти-црниот расизам се „утврдени историски факти кои Белгија не секогаш ги признава и целосно ги признава“, се наведува во извештајот.
Групата не препорачува рушење на сите статути, но предлага различно да се постапува за секоја од нив. Некои споменици може да се отстранат во музеите или во парковите за статуи; други би можеле да бидат преименувани или ставени во контекст со информативни плакети.
Тие, исто така, предложија да се изгради споменик на жртвите на колонизацијата, како и музеј или центар за документација каде луѓето ќе можат да учат за кралското минато на Белгија.