Беким Асани добива смртни закани: Ќе ти ги извадам цревата од стомакот, ќе ти летне главата

беким асани

Претседателот на здружението „ЛГБТ Јунајтед“ од Тетово, Беким Асани, кој минатата недела беше претепан среде бел ден во неговото возило, сега прима закани по животот.

„Нечиста крв, ќе ти ги извадам цревата од стомакот, многу малку време останува додека да се изненадиш што ќе ти се случи“. „Ќе ти летне главата, дури и да се скриеш во глувчешка дупка, ќе те најдам и ќе те убијам, дури и ФБИ да те заштитува. Немој да се закачаш со нашите пријатели, остави ги на мира ако сакаш да бидеш оставен на мира“.

Смртните закани следуваат откако минатата недела среде бел ден во непосредна близина на канцеларијата на „ЛГБТ Јунајтед“ Асани од две лица бил нападнат со тупаници по главата и стомакот по што заврши в болница. Според зборовите на Асани, пред да го претепа, едниот од напаѓачите му се обратил со зборовите „А ти ли си тој педерот?“.

– Бев во автомобил, и друго црно големо возило дојде накај мене. Му велам пројди, има место. И тој отвори прозорец, почна да вика и тогаш ми рече „А ти си тој педерот“. Излезе од неговиот автомобил, ја отвори вратата од мојот автомобил и ми удри бокс. Уште четворица беа со мене во кола, ми велат, вози остави. Велам не, морам да пријавам во полиција. Тогаш излезе и тој другиот од црното големо возило и ме удри со клоца во стомак и бокс во лице. Потоа си заминаа и полицијата дојде. Направија записник и јас заминав прво дома па в болница зашто повраќав. Таму има камери, се е снимено. Планирам да купам пиштол и јавно да го објавам тоа. Не може секој што ќе ме препознае да ме тепа. Јас сум на антидепресиви секој ден и ова е опстанок. Ама решен сум да живеам тука и да се борам. Веќе седум години не сум се движел пешки во Тетово никогаш, вели Асани за „Слободен печат“.

Нападнат Беким Асани: Планирам да купам пиштол, не може кој како ќе стигне да ме тепа!

Откако се случи нападот, лично на Асани му се јавил министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, кој го уверувал дека полицијата е максимално ангажирана да го разреши случајот. Но, приведен не е никој, а во меѓувреме блиски лица на напаѓачите му се закануваат на Асани дека ќе му ја скинат главата. Неофицијално, помош да се смири ситуацијата ќе се бара од еден стански амбасадор кој моментално не е во државата, а Асани морал да го напушти Тетово и да дојде во друг град, за да избегне понатамошни непријатности.

Асани е под голем психолошки стрес, живее на антидепресиви, во социјална изолација предизвикана од секојдневни закани, навреди и физички напади предизвикани единствено поради неговата сексуална определба и тоа што се залага за правата на ЛГБТ заедницата.

Тој веќе не памети колку пати бил вербално и физички нападнат, навредуван и омаловажуван поради тоа што е хомосексуалец.

– Секогаш ме напаѓаат, ретко пријавувам. Но, последниве две години стекнав доверба во институциите и почнав да пријавувам. Лани ме нападнаа на Матка и еве една година, ниту сум добил покана од обвинителство, ниту нешто конкретно. Повеќе од една година помина. Во 2018 година имав десет заканувачи на Фејсбук, добија условни казни од судот во Тетово и толку, објаснува Асани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот