Блерим Беџети Фото: Принтскрин

Беџети: Европскиот фронт ќе се проширува со сите оние кои мислат дека оваа влада ги деградира Албанците

Координаторот на пратеничката група на Европскиот фронт, Блерим Беџети, најави проширување на коалицијата, но не само со политички партии. Тој на денешната прес-конференција уште еднаш ги повика Вреди и ВМРО-ДПМНЕ на предвремени избори и ги обвини за деградирање на албанскиот јазик и игнорирање на законот за употреба на албанскиот јазик.

Беџети рече дека во моментов се прават анализи и дека Европскиот фронт ќе се проширува не само со политички партии, туку и со поединци, со невладиниот сектор и со сите оние „кои мислат дека оваа влада носи антиалбански одлуки и која во контуинитет ги деградира правата на Албанците”.

„Во моментов сѐ уште се одвиваат разговори, се прават анализи во контекст на прашањето за проширување на Европскиот фронт и нашиот став е дека Европскиот фронт ќе се проширува, не само со политички партии. Упатуваме јавен апел до сите Албанци, до сите други етнички заедници, граѓани на други етнички заедници.

Ќе имаме таква една широка коалиција со поединци, со политички партии, со невладиниот сектор, со сите кои мислат дека оваа влада носи антиалбански одлуки и која во контуинитет, секој ден, ги деградира правата на Албанците и на другите етнички заедници. Ќе има еден широк фронт на овие локални избори, рече Беџети.

Тој обвини дека албанскиот јазик брутално се деградира, дека законите се испраќаат само на македонски јазик, патоказите се менуваат, а повеќе од 78 институции го игнорираат законот за употреба на албанскиот јазик и се обидуваат да го укинат статусот на Инспекторатот за јазикот, каде што вработените веќе со месеци немаат плати.

„Целта е јасна, да не натераат да молчиме“, изјави Беџети и нагласи дека од страна на ВМРО-ДПМНЕ биле иницирани 18 предлози за укинување на секој закон којшто ја штити еднаквоста.

„Балансерот е укинат, вработувањата се фаворизираат за македонската етничка заедница, оправдувајќи се со лажна меритократија што ги потценува Албанците“, смета Беџети.

Според него, унапредувањата се даваат само за припадници на ВМРО-ДПМНЕ и нивните македонски коалициони партнери.

Беџети рече дека Албанците не добивале покани да присуствуваат на државни посети, додека пак, на меѓувладини средби, вели, биле заменувани со Македонци. Според Беџети, економските директори на универзитетските клиники биле укинати само поради тоа што биле Албанци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот