
Бебе се роди во авион, но не го преживеа летот од Филипини до Јужна Кореја
Предвреме родено бебе не гo преживеа летот на „Џеџу Ер“ од Кларк, Филипини до Меѓународниот аеродром Инчеон, Јужна Кореја. Според корејските власти, машкото бебе е родено помеѓу 23-тата и 25-тата недела од бременоста, а кога авионот слета во Јужна Кореја, околу 6:20 часот наутро во недела, тоа веќе престанало да дише.
Препорачано
Спасувачите биле предупредени за состојбата на бебето за време на летот, но кога пристигнале на местото на настанот, новороденчето немало пулс. И покрај напорите за реанимација и неговиот трансфер во блиската болница, тој беше прогласен за мртов.
Мајката, 30-годишна жена од Филипините, патувала со својот сопруг, свекрва и нивната ќерка. Како што објави портпаролот на „Џеџу Ер“, патничката не ја информирала авиокомпанијата дека е бремена, што ја ограничило можноста за подготовка за можни компликации за време на летот.
„Не добивме никакво известување за бременоста на патничката, па затоа беше тешко да се предвиди и да се подготвиме за таква ситуација. Сепак, направивме сѐ што можевме за да одговориме на вонредната состојба “, изјави претставник на „Џеџу Ер“.
Според прописите на компанијата, жените можат да патуваат без ограничувања до 32-та недела од бременоста. Дотичната мајка била бремена приближно 24 недели, така што не ги прекршила важечките упатства за патување со авион.
Инцидентот сега го истражуваат полициските власти на аеродромот Инчон, бидејќи, според меѓународното право, секој авион што го носи знамето на одредена земја е под нејзина законска надлежност – позната и како „јурисдикција над знамето“.
„Бидејќи бебето е родено и починало во авион под корејско знаме, корејските власти се одговорни за истрагата“, изјави полициски службеник, додавајќи дека „детално ќе ги испитаме околностите на раѓањето и причините за смртта на новороденчето“.