
Барселона замената за Меси ја најде во Ливерпул
Шпанскиот тим доколку остане без својот најдобар фудбалер во историјата, тогаш ќе пазари кај англискиот шампион.
Иако засега не се откажуваат и не сакаат да се разделат со Лионел Меси, речиси сите се сигурни дека Барселона на крајот ќе остане без својот најдобар фудбалер поради што ќе мора експресно да реагираат и да донеса замена.
Препорачано
Медиумите во Шпанија тврдат дека челниците на Барселона се обидуваат да извлечат што е можно повеќе пари од најверојатно Манчестер сити и сите да ги вложат во замената за Меси.
Списокот на наследници на Аргентинецот се сведе само на две имиња од кои едното е речиси невозможно да го донесат,а втората опција е далеку пореална и остварлива поради што ќе мора повторно да тропнат на вратата на Ливерпул.
Првото име е Пауло Дибала, но „старата дама“ не помислува да го продаде својот играч, посебно откако новиот тренер Антонио Пирло го означи како клучен играч во идниот Јувентус.
Поради тоа бомбастично одекна веста во каталонските медиуми дека доколку Меси си замине на негово место ќе пристигне Садио Мане.
Имено, според „Мундо Депортиво“ агентите на Мане им порачале на челниците на Барселона дека напаѓачот на Ливерпул може да го напушти англискиот шампион доколку пристине понуда од Шпанија.
Адут плус во реализацијата на овојтрансфер е тоа што новиот тренер на Барселона, Роналд Куман, одлично ги знае квалитетите на Мане бидејќи му беше тренер во Саутемптон, а интересно е што напаѓачот го означи токму Холанѓанецот како најзаслужен за неговиот развој.
Медиумите веќе ја дознаа и цената на трансферот, според агентите на Мане, Ливерпул ќе се согласи да го пушти одличниот напаѓач во Барселона доколку пристигне понуда од 120 милиони евра.